Линкови за пристапност

Дел од македонските државјани го напуштија Тунис


Дел од македонските државјани го напуштија Тунис
Дел од македонските државјани го напуштија Тунис

Оние кои сакале да се вратат контактирале со македонската амбасада во Каиро, Египет, бидејќи Македонија нема дипломатско претставништво во Тунис

Напнато, но не многу опасно. Вака еден од осуммината македонски државјани кои се најдоа во Тунис за време на немирите ја опишуваат ситуацијата во земјата во која заминале како туристи, а денеска се вратија дома со специјален лет. Меѓу нив и едно четиричлено семејство со две деца.

„За три-четири дена се` беше урнато, се дестабилизира земјата. Тие најкритични денови бевме во хотел. Преку ден се движевме нормално, а од 17 часот до наутро имаше полициски час. Туристите беа заштитени“, вели Нусрет Максутовски.

Уште тројца Македонци се на пат кон дома. Тие, како и Максутовски, се враќаат со помош на Амбасадата на Србија во Тунис, до Белград, а потоа до Скопје. Четворица одлучиле да останат, меѓу нив и семејството на Омер Чоловиќ, кој веќе 11 години работи во оваа африканска земја. Вели, ситуацијата се смирува.

„Денеска е мирно. Почнаа да се отвораат продавниците, државните институции почнаа да работат, банките се отворени. Се чувствува некоја тензија, но ништо посебно. Има пукотници навечер, додуша надвор од градот. Штом ќе се стемни, хеликоптери кружат над градот“, вели Чоловиќ.

Од македонското Министерство за надворешни работи велат дека сите македонски државјани што се нашле во Тунис не биле туристи, туку работеле таму, а одлуката дали ќе се вратат или не е нивна.

„Станува збор за македонски семејства кои работеле во Тунис, а не за туристи. Нашиот конзул се сретна со македонските државјани во Белград, а нивното пристигнување во Скопје е нивна индивидуална одлука“, вели Борче Стамов, портпарол на МНР.

Оние кои сакале да се вратат контактирале со македонската амбасада во Каиро, Египет, бидејќи Македонија нема дипломатско претставништво во Тунис.

XS
SM
MD
LG