Линкови за пристапност

Лажни огласи за „зелени карти“ и визи


Лажни огласи за „зелени карти“ и визи
Лажни огласи за „зелени карти“ и визи

Амбасадата во Скопје потенцира дека „единствените кои можат да издадат визи се конзуларните службеници на САД“

САД отсекогаш биле меѓу најпосакуваните дестинации за македонските граѓани, така што нивната подготвеност да сторат се` за да заминат преку океанот често ја злоупотребуваат наводни посредници за полесно добивање виза.

„Посредувам за добивање влезни визи. Гаранцијата за успех - 90%, плаќање по добивање на одобрението на денот на интервјуто. Внимавајте на кого се јавувате“ - вака изгледа еден од огласите, објавен на повеќето огласни страници на кои досега наседнале многумина.

Советите „да не наседнуваат на лажни огласи“ сугестивно делувале на неколкумина, за кои деновиве објавуваат овдешните медиуми, а кои се фатиле на „јадицата“.

На еден прилепчанец не му било сомнително што во огласот ја немало цената, ниту тоа дека таа ќе се договара на состанок очи во очи, никако преку телефон или електронска пошта. Но, помошта од посредникот завршила во моментот кога тој на неговата сметка уплатил 20.000 денари. Никој веќе не одговарал на телефонскиот број за посредништво, а на полицијата и` требало неколку месеци да го пронајде измамникот, кој добил кривична пријава.

Од Амбасадата на САД во Скопје се свесни за измамите. Велат, единственото место во Македонија каде може да се добие американска виза е во Амбасадата на САД, а сето друго е лага.

„Единствените кои можат да издадат визи се конзуларните службеници на САД преку специјална конзуларна комисија која им дозволува да го прават тоа“, се наведува во соопштението.

Уште попривлечно од американска туристичка виза е таканаречената „зелена карта“ или дозволата за постојан престој, до која може да се дојде и со учество на годишната лотарија. Во февруари, еден Македонец не можел да ја опише својата среќа кога преку електронска пошта добил порака: „Вашето барање е прифатено“. Но, за кусо стасало и разочарувањето, кога во продолжението видел дека парите, 681 долар требало да ги уплати во Англија. Неговите сомнежи дека е жртва на измама се потврдиле по консултациите во Американската амбасада, каде било утврдено дека пораката е лажна. Момчето се сомнева дека некој, преку апликацијата за лотаријата, му ги „украл“ податоците, бидејќи тврди дека никој, па ниту неговото семејство, не знаел дека аплицирал за „зелена карта“.

Амбасадата во Скопје уште тогаш потврди дека знаат за ваквите измами и реагира со предупредување - сите оние кои од 1-ви мај до 30-ти јуни 2011-ва година ќе се пријават за учество во лотаријата, статусот ќе можат да го проверуваат на веб-страницата www.dvlottery.state.gov., без испраќање електронски пораки, ниту телефонски јавувања.

XS
SM
MD
LG