Линкови за пристапност

Нови, популарни, моќни...


Нови, популарни, моќни...
Нови, популарни, моќни...

Клучна улога на мрежите за дружење во протестите на Блискиот Исток

Организаторите на протестите во Тунис и Египет користеа Фејсбук и Твитер за да ги мобилизираат своите симпатизери.

Во Египет, Фејсбук-страницата – „Сите сме Калед Сед“, набрзина привлече илјадници следбеници, а во моментов има речиси еден милион симпатизери. Таа е во чест на младиот египетски бизнисмен, кого полицијата наводно го претепала до смрт минатата година и беше суштинска во организирање на востанието во Египет.

Фактот дека демонстрантите во Египет користеа Интеренет за организирање покажуба дека новите медиуми, покрај дружењето како нивна основна функција, може да станат моќна алатка за политички промени.

Па сепак, египетската новинарка и блогер Мона Елтави коментира дека оние кои движењата на Блискиот Исток ги нарекуваат Фејсбук или Твитер-револуции, не даваат заслуга онаму каде што е најпотребно.

„Фејсбук и Твитер не ја измислиле храброста. Мислам дека им должиме на овие неверојатни луѓе на улиците. Погледнете само колку лица загинаа во Либија, за да се осознае дека храброста таму била присутна со децении, без оглед дали луѓето надвор од овие земји тоа го препознаваат или не. Фејсбук дозволи сето тоа да се види. Оваа мрежа овозможи луѓето меѓусебно да се поврзат, но на крајот токму храброста на луѓето беше главниот двигател за соборување на режимите“, вели Елтави.

Абдерахим Фукара, директор на дописништвото на ТВ-мрежата Ал Џазира во Вашингтон уважува дека новите медиуми биле и тоа како важни во ширењето на веста за протестите. Па сепак, се сомнева дека Интернет-страниците сами по себе ќе можеа да го прошират духот на демократијата, додавајќи дека и другите медиуми, како телевизијата на пример, исто така одиграа важна улога.

Од друга страна, има тврдења дека мрежите за дружење може да бидат и ранливи. Конгресменот Адам Шиф мисли дека Фејсбук и Твитер, иако станаа „витални платформи“ за мобилизирање на дисидентите, сепак не се имуни на владино влијание.

„Во Египет, владата успешно го блокираше Интернетот и тоа пет дена за време на клучните демонстрации. Слично, во Либија, Тунис и Бахреин, владите цензурираа содржини на Интернет и правеа врската да биде побавна. Во Иран, властите го користеа Фејсбук за следење и апсење на членови на опозицијата. Протестите ставија јасно на знаење дека дигиталните медиуми може да се употребат за забрзување на политичките и социјални промени, но и ја подвлекоа можноста авторитарните режими да ги искористат истите алатки за задушување на споменатите напори“, вели конгресменот Шиф.

Експертите очекуваат новите медиуми да продолжат да играат важна улога и по револуциите во арапскиот свет, а тамошните жители да ги користат во дискусиите за тоа какви земји сакаат да изградат.

XS
SM
MD
LG