Српскиот претседател Борис Тадиќ вели дека неодамнешното извинување за масакрот врз босанските муслимани во Сребреница во 1995-та година, ја покажува определбата на неговата земја за регионално помирување.
Претседателот Тадиќ вели дека резолуцијата, усвоена во српскиот парламент минатиот месец е производ на српската „определба за обнова на довербата и промоција на пријателството и разбирањето“ со Босна и Херцеговина.
Тадиќ овој чекор го образложи во коментар објавен во петокот во американскиот весник Вол стрит џурнал.
Српскиот лидер декларацијата ја нарече „без преседан“ и рече дека ги отвара вратите и за другите за прифаќање на својот дел од одговорностите за злосторствата сторени за време на граѓанскиот конфликт на просторите на поранешна Југославија.
Масакрот во Сребреница се случи кога силите на босанските Срби запоседнаа упориште на ОН во градот и убија околу 8.000 муслимански мажи и момчиња. Настанот се смета за најлош случај на масовно убиство во Европа од Втората светска војна наваму.