Линкови за пристапност

Српскиот парламент се извинува за масакрот во Сребреница


Околу 8.000 муслимански мажи и момчиња беа убиени откако босанско-српските сили ја зазедоа Сребреница во 1995 година.

По 13-часовна дебата, српскиот парламент усвои резолуција со која се осудува наголемиот масакр во Европа од Втората светска војна наваму.

Две третини од законодавците гласаа во полза на декларацијата за која аналитичарите велат дека става крај на годините на нргирање на српските политичари за величината на кривичното дело.

Околу 8.000 муслимански мажи и момчиња беа убиени откако босанско-српските сили ја зазедоа Сребреница во 1995 година. Злосторството се случи за време на конфликтот на Балканот што доведе до распад на Југославија.

Во текстот на резолуцијата стои „Српскиот парламент остро го осудува злосторството извршено врз босанско-муслиманското население во Сребреница во јули, 1995-та година“.

Законодавците го изразија и „своето жалење и извинување на семејствата на жртвите бидејќи не било сторено се` што било на распалагање за да се спречи оваа трагедија“.

Лидерката на владината коалициона Демократска партија, Нада Колунџија, рече дека резолуцијата означува ново поглавје за Србија.

Таа додаде дека со документот српскиот парламент ги признава „ужасните нешта случени во Сребреница“ и дека нејзината земја не ги поддржува сторителите на злосторствата. Колунџија декларацијата ја нарече „камен-темелник на патот на Србија кон изградба на модерно европско општество“.

Сепак, преживеаните на масакрот во Сребреница ја осудија резолуцијата, велејќи дека не го опишува убиството како геноцид.

Националистите пред зградата на парламентот протестираа по донесената резолуција, додека внатре неколкумина законодавци ја изразија својата резервираност за документот. Некои Срби пак велат дека се лути на извинувањето бидејќи притоа не се споменуваат злосторствата извршени против Србите.

Меѓу оние кои ја критикуваат мерката е Томислав Николиќ, лидер на Српската прогресивна партија.

Тој вели дека резолуцијата била потребна за српската интеграција во ЕУ. Но, тој истакна дека владеачката коалиција сака парламентот „целата нација да ја прогласи за виновна“. Николиќ додаде дека „нациите не вршат кривични дела, туку поединците“.

На резолуцијата се гледа како на уште еден чекор кон интеграцијата на Србија кон ЕУ. Србија го екстрадира поранешниот лидер на Босанските Срби, Радован Караџиќ, во судот во Хаг. Но, поранешниот командант Ратко Младиќ, чии сили беа вклучени во масакрот во Сребреница, и натаму е во бегство.

Претходно, српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ, за Гласот на Америка изјави дека Србија ќе го испорача Младиќ на Хашкиот трибунал, „штом тој ќе биде пронајден“.

Јеремиќ додаде дека не знае кога тоа ќе се случи, но стави јасно на знаење дека се залага тоа да се случи брзо.

Иронично, меѓу поддржувачите на резолуцијата за Сребреница беа и социјалистите на поранешниот претседател Слободан Милошевиќ, кому му се судеше во Хаг за наводна вмешаност во масакрот. Тој почина пред да биде донесена пресудата.

XS
SM
MD
LG