Професорот Роберт Путнам предава на Харвард и важи за влијателен академик. Во 1995-та година тој објави есеј што го промени начинот на размислување за граѓанскиот живот во Америка.
Заедно со професорот од Универзитетот Нотердам Дејвид Кембел, Путнам неодамна објави, како што самиот вели, темелна студија за улогата на религијата во американскиот живот во изминатиов половина век.
Базирано на случаен избор на 3.000 луѓе од различни вери и погледи на светот, тие нашле дека мошне религиозните Американци се често наклонети кон Републиканци и се со конзервативни ставови, додека поумерените лица се прогресивни и ја поддржуваат Демократската партија.
Путнам додава дека поделеноста е нешто ново во американскиот јавен живот, но дека не е целата приказна.
„Приватно, Американците се мошне ангажирани да изградат многу подлабока, поблиска, лична врска со луѓе од други религии или оние кои немале никаква верска припадност“, вели професорот Путнам.
Оттука се поставува прашањето зошто тоа се случило? Според студијата, речиси една третина од Американците ја промениле својата религија, додека преку една третина од сите склопени бракови се меѓу луѓе од различни религии.
Семејството на Путнам е добар пример. Пораснал во средина со методистички убедувања. Се оженил со Еврејка и ја променил верата во еврејска 50 години подоцна. Во меѓувреме, неговата сестра се омажила за католик и ја сменила верата, а нејзините деца се евангелисти-протестанти.
Според студијата 80 проценти од Американците веруваат дека постојат „основни вистини во многу од религиите“, а 89 проценти веруваат дека припадниците на верите надвор од нивната, можат да одат во рајот.
Путнам и Кембел ваквиот вид на толеранција го сметаат за благослов. Токму затоа и книгата што ја објавија во врска со нивната студија во октомври е наречена „Американска убавина“.
Род Дрехер е конзервативен колумнист кој исто така ја променил својата вероисповед. Одраснал во методистичко семејство, но подоцна станал католик. Сега е припадник на православната вера.
Дрехер не се согласува со тонот на оптимизам на авторите на „Американска убавина“.
„Сметам дека е вид на американска трагедија што ја заобиколуваме верската традиција, каде луѓето се слободни да избираат верска традиција што би сакале да следат, па дури и да не изберат ако така решат. Никому тоа не пречи. Тоа е личен избор“, вели Дрехер.
Овој аналитичар додава дека според студијата, 30 проценти од Американците на 18 до 29 годишна возраст, велат дека не припаѓаат на ниту една вера. Ова е за три пати повеќе од истата старосна група испитувана во 1990-та година.