Линкови за пристапност

Македонија разочарана од заклучоците на Советот на ЕУ


Во Македонија разочарување од вчерашната одлука на Советот на министрите на ЕУ во која не беше прецизиран датум за почеток на преговорите за членство.

Сепак, институциите истапија со реакции во кои се изразува надеж дека заклучоците на Советот ќе продонесат за забрзување на интеграциските процеси.

„Со ваквиот заклучок мислам дека ЕУ ни дава рамка, еден процес на преговори во кој можеме и треба да адресираме прашања кои никогаш не биле лесни, но кои е полесно, подобро и поприфатливо да се адресираат кога веќе го имаме процесот со ЕУ“, изјави вицепремиерката за европски интеграции Теута Арифи, изразувајќи задоволство што ЕУ се воздржала од користење на вокабулар за условување.

Со реакција за вчерашните заклучоци истапи и Министерството за надворешни работи.

„Жалиме што Советот на ЕУ и овој пат не ја донесе заслужената одлука за почеток на пристапни преговори со Македонија. Министерството ја поздравува нагласената можност за донесување на одлуката за отворање на пристапните преговори во претстојниот период", стои во соопштението на МНР.

Разочарување изрази владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Вчерашните одлуки во Европската Унија се плод и израз на неконструктивноста на нашиот јужен сосед, кој наспроти декларативните заложби за поддршка на проширувањето на ЕУ, повторно не собра сили субјективниот интерес да го стави на страна и под регионалниот и општиот интерес“, изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицискиот СДСМ исто така изрази разочарување од содржината на заклучоците, но воедно ја обвини владејачката партија дека претходно неосновано ги подигнала очекувањата во јавното мислење за исходот на вчерашното заседани на Советот на ЕУ.

Една од главните дилеми кои се отворија во јавноста по објавувањето на вчерашните заклучоци е дали со нив Македонија е условена да го реши проблемот со името за да започне преговори или доволно е да се направи прогрес во преговорите со Грција. Ова денес го појаснуваше директорот на Директоратот за проширување на ЕК, Стефан Санино.


„Има законска поента и политичка поента. Според законската поента, не е предуслов да имате привремена спогодба со која можете да станете членка под референцата. Но, има политичка поента дека ова не може да се пролонгира засекогаш и вечно и ние се обидуваме да создадеме вистински контекст и најдобри услови за да се изнајде решение. ,Јасна перспектива која е напишана црно на бело е дека самиот факт оти Советот е подготвен да отвори преговори, е важен елемент за кој се надеваме дека може да помогне да се изнајде волја и одлучност за решавање на името“, изјави Санино.

Советот на министрите со вчерашната одлука зацрта ЕК на пролет да подготви извештај што ќе го анализара напредокот на реформскиот процес, како и чекорите што се преземени за подобрување на соседските односи и постигањето на решение за проблемот со името. Во текот на петмесечното ирско претседавање со ЕУ, овој извештај на ЕК ќе биде разгледан од Советот на министрите. Ако оценката е позитивна, Советот ќе и` даде на ЕК мандат да изработи рамка за пристапни преговори пропратена со соодветна анализа (скрининг) во која ќе бидат оценети перформансите на РМ во однос на критериумите на ЕУ во областа на владеењето на правото.
XS
SM
MD
LG