Линкови за пристапност

„Обраќајте ни се од аспект на иднината!“


Елаборирајќи го македонскиот став во спорот околу името од говорницата на Генералното собрание на ОН, претседателот Иванов коментираше дека денес е апсурдно некој да биде ословуван како поранешна држава или поранешна колонија.

„Добрососедските односи да ги градиме врз основа на солидарност. За возврат, од нашите соседи очекуваме солидарност во акција за побезбеден регион. Можеме и мораме да бидеме подготвени за идните ризици, со цел да му предадеме побезбедна иднина на нашето потомство“, порача македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов во обраќањето на 67-мото Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Во очекување на својот ред на говорницата: претседателот на РМ Ѓорге Иванов пред обраќањето на Генералното собрание на ОН
Во очекување на својот ред на говорницата: претседателот на РМ Ѓорге Иванов пред обраќањето на Генералното собрание на ОН

„Владеењето на правото е нецелосно и невозможно без почитување на човековите права“, рече шефот на македонската држава, додавајќи дека „ќе немаме ниту мир, ниту развој без почитување на човековите права и владеењето на правото.“

Тој укажа дека Македонија посветува посебно внимание на развојот, унапредувањето и заштитата на човековите права и потсети дека земјата ја презентираше својата кандидатура за членство во Советот за човекови права за периодот 2014-2016 година.

„Не може да има одржлив развој без мир и безбедност, а без развој и намалување на сиромаштијата не може да има одржлив мир. Милениумските развојни цели остануваат параметрите според кои ќе се оценува нашиот успех“, оцени македонскиот претседател.

Иванов кажа дека Македонија ја демонстрирала посветеноста кон регионот на Југоисточна Европа и регионалната соработка преку претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

„Сакаме со нашето претседавање со Процесот да се фокусираме на реалните и секојдневни потреби на граѓаните. Потреби за мир, безбедност и развој. Потреби кои се резултат на глобалните предизвици. Предизвици кои не признаваат ниту политички граници, ниту етнички, ниту верски групи. Меѓу приоритетите на македонското претседавање ќе биде соработката во областа на економијата и земјоделството, културата и туризмот, науката и образованието, прекуграничната соработка и заштитата на животната средина. Нашиот пристап се темели врз принципот на решавање на проблемите на граѓаните, без разлика на етничката, верската или било која друга припадност“, истакна Иванов.

Тој подвлече дека владеењето на правото и човековите права се базични принципи и дека со нив не може да се прави компромис.

Иванов се повика и на извештајот од 2008-ма на независниот експерт на ОН за малцински права Геј Мекдугал: „Препораката од извештајот дека владата на нашиот јужен сосед треба да се повлече од спорењето околу тоа дали има македонско малцинство, и целосно да се фокусира на заштитата на правото на самоидентификација, слобода на изразувањето и слобода на здружувањето на таа заедница. Во препораката се повикува нашиот сосед да ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права. Пресуди според кои на здружението треба да му биде дозволено да го користи зборот македонски во своето име и слободно да го изразува својот етнички идентитет. Во извештајот се заклучува дека правото на заштита мора да биде почитувано онака како што е елаборирано во Декларацијата за малцинствата и основните меѓународни договори за човекови права“.

Македонскиот претседател побара засилен ангажман од ОН за решавање на спорот со името: „Изразив очекување од генералниот секретар да го вложи својот авторитет и да се ангажира, со цел деблокада на разговорите што се водат под негово покровителство, а се однесуваат на разликата околу името. Почитувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата ќе значи почитување на меѓународното право и владеење на правото во практика. Верувам во процесот. Верувам дека процесот може да доведе до решение. Но, не можеме да чекаме уште 19 години за тоа да се оствари“.

Елаборирајќи го македонскиот став во спорот, Иванов нагласи дека денес, во 21виот век, е апсурдно некој да биде ословуван како поранешна држава или поранешна колонија.

„Во име на достоинството на мојот народ користам прилика јавно да им се заблагодарам на сите 134 земји членки на Обединетите нации кои го признаа уставното име на мојата држава, а тоа е Република Македонија. И да упатам апел до сите Вас: обраќајте ни се од аспект на иднината!

Иванов го спомена и американскиот претседател Барак Обама, векејќи дека се согласува со ставот што го искажал пред неколку дена од истата говорница, дека слободата и само-определувањето не се уникатни за една култура, дека не се само американски вредности или западни вредности, туку универзални.

“Во минатото на ОН им се случувало на некои земји да добијат дополнителни услови, но советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 1948-ма година кажа дека тоа не е исправно. Дека тоа е спротивно на Повелбата на ОН. Освен во нашиот случај, досега не се случило некој некому да му ја оспори слободата на самоидентификација. Македонија треба да го добие она што и припаѓа. Нешто што сите вие земји-членки присутни тука го имате и го уживате. Ускратувајќи и го тоа на Македонија, и се ускратува правото да биде еднаква и рамноправна со сите земји-членки“, рече Иванов.

Тој го стави спорот и во контекстот на Пресудата на Меѓународниот суд на правдата, која ја покажа на говорницата: „Тука разговараме и за меѓународното право. Зборуваме за владеењето на правото. Еве ја пресудата на Меѓународниот суд на правдата донесена пред 10 месеци во корист на Република Македонија. Бараме оваа пресуда, донесена од орган на Обединетите нации, да се почитува. Ова го бараме затоа што дури и на оваа говорница се случувало да не спречуваат да го користиме нашето име. Меѓународниот суд на правдата со член 95 од пресудата експлицитно утврди: Македонија има право себеси да се именува како Република Македонија во нејзините односи со другата страна и во рамките на меѓународните организации“.

Иванов од говорницата потоа директно се обрати на Грција: „Поаѓајќи од духот на добрососедските односи и силната определба за надминување и решавање на отворените прашања, ја користам оваа можност да го повикам нашиот сосед, заеднички да работиме во таа насока. Од ова место, од срцето на Обединетите Нации, ги повикувам да ја почитуваат пресудата на Меѓународниот суд на правдата и да ги почитуваат меѓународно превземените обврски“.

Иванов рече дека посакува Македонија и Грција да бидат и повеќе од соседи: партнери, сојузници и пријатели што заедно би ја граделе сегашноста и иднината на своите народи, земји и регионот.

„Посакуваме нашиот сосед што побрзо да излезе од кризата. Предложивме низа на практични мерки како да ја надоградиме нашата економска и добрососедска соработка. Предлагаме да склучиме билатерален договор за одбегнување на двојното оданочување. Македонските даноци се поволни и за нивните стопанственици, како и секогаш, така и сега имаат широко отворени врати во Република Македонија“, кажа Иванов.

Република Македонија, заклучи Иванов, цврсто верува дека Обединетите нации остануваат центар на мултилатерализмот и на глобалното владеење.
XS
SM
MD
LG