Линкови за пристапност

Македонската криза продолжува, европските дипломати разочарани

  • Борјан Јовановски

Ховит предупреди на големи последици, Филе ги повика политичките лидери да преземат одговорност и да најдат решение.

Европските дипломати и членови на Европскиот парламент не успеаја во мисијата да помогнат да се најде излез од политичката криза во Македонија.

Утрово, европратеникот Ричард Ховит го призна неуспехот пред јавноста.

„Се надевам дека на луѓето овде им се јасни големите последици ако по четири позитивни препораки за почнување преговори со ЕУ, добиете негативна. Затоа, прашањето на негативниот извештај нема да биде одговорност на една или друга политичка партија, туку на целата држава, на сите политички партии заедно. И, мојата порака до Владата е дека вие сте Влада и вие имате одговорност да ја решите кризата заедно со сите политички партии што се вклучени“, изјави Ховит.

По него од Брисел се огласи и еврокомесарот за проширување Штефан Филе. Ја откажа најавената посета и ја изрази неговата лична фрустрираност.

“Оваа четврта рунда од високиот дијалог ќе беше подготовка кон пролетниот Извештај на Комисијата, побаран од Советот во декември. Меѓутоа, во однос на моменталната политичка ситуација, не сметам дека мојата посета со намера да разговарам за актуелните прашања ќе биде соодветна во овој момент. Фрустриран сум од недостатокот на прогрес, за да се стави крај на кризата“, се вели во писмената изјава на Филе.

И Филе, и Ховит ги повикаа политичарите во Македонија да направат се` за да ги спасат европските перспективи на Македонија.

“Перцепцијата за она што се случи на 24-ти декември го доведува во прашање демократскиот кредибилитет на вашата земја. Но, Европскиот парламент не верува во бојкоти на изборите во оваа или која било друга земја. Што се однесува до крајниот рок в сабота и потребното мнозинство кое треба да ги регулира процедурите во следните денови, сакам да кажам дека тоа не е техничко прашање, туку прашање на политичката волја. А, мојата порака до политичките партии е дека доколку има политичка волја, се` уште е можно да се реши спорот“, изјави Ховит.

Филе ги повика политичарите да работат во интересот на државата и граѓаните.

“Најважно е сега политичките лидери во Скопје да преземат одговорност и да најдат решение”, рече еврокомесарот.

Веднаш по овие изјави, СДСМ истапи со предлог - локалните избори да се одложат за 28-ми април, и, ако опозицијата освои барем еден глас повеќе, на 29-ти септември да се организираат предвремени парламентарни избори.

„Ако не биде прифатен овој предлог, ќе ги бојкотираме локалните избори и нашите пратеници ќе ги поднесат своите оставки во Собранието на Република Македонија“ рече првиот човек на СДСМ, Бранко Црвенковски.

ВМРО-ДПМНЕ на оваа понуда реагираше со писмено соопштение, во кое стои дека не постои теоретска можност за било каков договор со СДСМ во кој се споменуваат предвремени избори.

„Доколку вечерва до 19 часот се согласат, ВМРО-ДПМНЕ е подготвено законски да се продолжи рокот за доставување на советничките и градоначалничките листи за 3 до 4 дена, а сепак, рокот за одржување на локалните избори да остане ист. Исто така, евентуални измени на изборниот закон, доколку се констатира потреба од тоа, се можни да се случуваат во тек, за тоа има законска можност и тоа воопшто не кореспондира со поднесувањето на советнички листи и кандидатите за градоначалници“ се вели во партиското соопштение.

Рокот за поднесување на листи на кандидати за локалните избори истекува утревечер на полноќ.
XS
SM
MD
LG