Линкови за пристапност

Меѓународната заедница загрижена за Македонија


Ховит: Состојбата сериозна, и за земјата, и за нејзината иднина во Европа. ЕУ,САД, НАТО и ОБСЕ: Потребни се итни мерки за надминување на политичките тензии.

Додека опозицијата и власта упорно остануваат на своите позиции, меѓународните фактори се` поексплицитно изразуваат загриженост за политичката ситуација во Македонија.

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Ричард Ховит, денеска повторно се обиде да ги доближи спротиставените страни. Тој нагласи дека не е во Македонија да донесе решение, туку да се обиде да помогне земјата да излезе од кризата и да се фокусира на европската агенда.

„Состојбата е многу сериозна, и за земјата, и за нејзината иднина во Европа. Ќе имам многу повеќе да кажам утре, но мој приоритет е најпрвин да ги сослушам и да поразговарам со сите партии. Тогаш ќе ја оформам мојата изјава во целост“, изјави Ховит по средбата со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

Ховит се сретна и со членовите на Собраниската анкетна комисија за човекови прва. На состанокот не беа присутни членовите на етнички македонските опозициски партии. Ховит изјави дека разбира оти отсуството на опозицијата, фрла сенка на работата на парламентот, но истакна дека е важно тоа да не се одрзаи на основните права и слободи.

Загриженоста на меѓународната заедница беше искажана и преку заедничкото соопштение на ЕУ,САД, НАТО и ОБСЕ.

„Со зголемена загриженост ја следиме политичката состојба во земјава. Потребни се итни мерки за надминување на политичките тензии кои уследија по настаните од 24-ти декември. Ги повикуваме сите страни максимално да го зајакнат политичкиот дијалог, да се фокусираат на стратешките приоритети на земјата и да ги стават на прво место најдобрите интереси на земјата и нејзините граѓани“, стои во соопштението.

Деновиве во Скопје престојуваше и блискиот соработник на еврокомесарот Штефан Филе, првиот човек на Генералниот директорат за проширување на Европската унија, Стефано Санино. За време на неофицијалната посета, тој не се појави пред медиумите со изјава. Медиумите, кои со голем интерес се обидуваа да дознаат повеќе детали за неговата мисија, претпоставуваат дека таа засега не донела некави резулатати во доближување на власта и опозицијата кон посакуваниот компромис. Се најавува како можност и нова мисија на Филе, но засега нема официјална потврда дека ќе дојде до посетата.
XS
SM
MD
LG