Доколку планирате да ги посетите САД, посветете внимание. Може лесно да прекршите еден од тамошните закони, а да не ни знаете за тоа. Не говориме за очигледното незаконско однесување, како и секаде во светот. Се работи за несекојдневни престапи што може да ве фрлат во неволја.
Според законот што се` уште е на сила во Глендеј, Аризона, на пример, може да бидете уапсени доколку возите во рикверц! И, да не кажете дека не сме ве предупредиле: не е дозволено да спиете во фабриките за производство на сирење во Јужна Дакота. Не може да поставите стапица за глувци во Калифорнија без да имате дозвола за лов. Задевајте го животното смрдливец во Минесота, или пак направете гаргара на јавно место во Њу Орлеанс, Луизијана, и може да завршите зад решетки. Ако патот ве нанесе во Јута, не ловете китови, без оглед на фактот што најблискиот океан е на 1.500 километри од оваа сојузна држава!
Сите овие се стари, стари закони што веројатно имале смисла кога биле донесени, но не и денес. Но, никому не му текнало да ги укине.
Зошто не? Замислете дека сте во градскиот совет на место каде, да речеме, е забрането да се секне нос на јавно место. Ако побарате да се укине овој архаичен закон, ризикувате гласачите да не ве изберат наредниот пат бидејќи сигурно би се запрашале, зарем овој пратеник нема попаметни работи со кои треба да се бави додека е на функцијата? А, со оглед на фактот дека многу од овие закони имаат позадина во одредени убедувања на верски организации или каузи на активисти, секогаш постои ризик тие инстанци да ве земат на заб.
Некои закони, пак, како оној во Индијана, што на мајмуните им забранува пушење, се толку бесмислени што градските татковци не ни сакаат другите да дознаат за нив!