Линкови за пристапност

Кризата со нафтеното излевање – тест за политичкото лидерство на Обама


Кризата со нафтеното излевање – тест за политичкото лидерство на Обама
Кризата со нафтеното излевање – тест за политичкото лидерство на Обама

Нафтеното излевање во Мексиканскиот Залив се наметна како важен тест за неговите политички и лидерски способности.

По средбата со првите лица на Бритиш петролеум (БП) вторникот, американскиот претседател Барак Обама вети дека ќе продолжи да врши притисок врз енергетскиот гигант да го санира нафтеното излевање во Мексиканскиот Залив. Ден потоа, во ТВ-обраќање во живо до нацијата, тојго изложи владиниот план за справување со ситуацијата.

По средбата со извршните директори на БП, Обама рече дека ќе осигура дека компанијата ќе ги исполни обврските, ќе ја исчисти излеаната нафта и ќе ги компензира погодените.

„Се работи за преземање на одговорност. На крајот на краиштата, тоа го очекува секој Американец“, изјави Обама.

На истата тема Обама се обрати до нацијата од Овалната канцеларија, од каде претседателите вообичаено говорат во време на војна или национална криза. Обама се обиде повторно да ја увери јавноста дека неговата администрација има контрола врз ситуацијата. Овабеше по првпат директно да му се обрати на американскиот народ од Овалната канцеларија.

Нафтеното излевање во Мексиканскиот Залив се наметна како важен тест за неговите политички и лидерски способности.

Политичките експерти велат дека не се изненадени оти Обама го искористил обраќањето од Овалната канцеларија со цел да се обиде да придобие определени политички поени што ги загуби за време на првата фаза од кризата, кога критичарите го обвинија за бавен одговор на какастрофата.

Брус Бјукенан е експерт за претседателската функција при Универзитетот во Тексас:

„За него обраќањето беше важно, затоа што се работи за најважна криза по животната средина со која се соочува нацијата. Секој проблем што се појавува во оваа фаза од кризата треба да биде проследен со будност од страна на претседателот и тој се обидува тоа да го покаже“, вели Бјукенан.

Овој аналитичар смета дека способноста на претседателот да стекне доверба и чувство за лидерство во јавноста е важна карактеристика за ефикасно управување:

„Цената за неангажирање ја платија претседателите како Џорџ В. Буш, кога во кризата по ураганот Катрина беше навидум индиферентен во време на голема алармантност и човечко страдање. Голем дел од работата на претседателот е да комуницира не само преку сочувствителност, туку и да покаже солидарност со луѓето кои доживеале стрес при катастрофа“.

Истражување на јавното мислење покажа дека благо мнозинство од Американците не се согласува со начинот со кој претседателот Обама се справува со нафтеното излевање. Но, некои аналитичари, вклучувајќи го и Брус Бјукенан, велат дека засега кризата има мал удел во анкетите за досегашната работа на претседателот.

„Искрено, изненаден сум дека несогласувањето за работата на претседателот е околу 50 проценти, не само поради големината на нафтената криза, туку и поради големиот број проблеми што се наоѓаат на негова маса во поголемиот дел од неговото претседателство“, смета Бјукенан.

Анкетарот од Галуп, Френк Њупорт, генерално се согласува со ваквите наводи. Но, тој предупредува дека јавноста може лесно да го загуби трпението за начинот на кој актуелната администрација се справува со кризата, ако работите не се подобрат во следните недели:

„Ако продолжуваат да доаѓаат лоши вести за нафтеното излевање за време на летото, ќе биде тешко за Обама да ја избегне негативната реакција на дел од американската јавност“.

Веројатно, единствена утеха за претседателот во анкетите е дека јавноста има многу поголем негативен став кон компанијата одговорна за излевањето – Бритиш петролеум. Последното истражување на Асошиетед прес покажа дека 83 проценти од испитаниците не се согласуваат со начинот на кој нафтената компанија се справува со кризата.

XS
SM
MD
LG