Линкови за пристапност

Обама ја потврди американско-европската поврзаност


Обама ја потврди американско-европската поврзаност
Обама ја потврди американско-европската поврзаност

Трансатлантските односи се и натаму важни за САД

Американскиот претседател Барак Обама за време на минатонеделната турнеја низ Европа не потпиша ниту еден поважен договор, ниту соопшти промени во американската политика.

Но, се чини дека тој сепак ја оствари главната цел на патувањето – ги разубеди Европејците дека трансатлантските односи се и натаму важни за САД.

Војните во Ирак и Авганистан, немирите на Блискиот Исток, растечките економии во Азија и кризата на домашен терен, беа во фокусот на политиката на лидерот на САД досега.

Обама дипломатската мисија ја започна во Ирска. Се сретна со раководството на оваа земја, се напи пиво во ирски паб во Монејгал, родното место на далечен предок на сопругата Мишел, обелоденувајќи го своето ирско потекло пред десетици илјади лица кои го пречекаа во Даблин.

Тој не вети американска финансиска помош за ирската проблематична економија, но вети морална поддршка.

Потоа, замина за Британија. САД и Британија се блиски сојузници уште од 19-от век, а воедно се два најголеми светски трговски партнера.

Британија го дочека американскиот претседател со највисоки државни почести, вклучувајќи ја и можноста да се обрати пред Парламентот. Во говорот Обама го демантираше аргументот дека растечките економии како Кина, Индија и Бразил имаат потенцијал да ги заменат САД и Британија како светски лидери.

„Овој аргумент е погрешен. Времето на нашето лидерство е сега. Токму САД и Британија и нашите демократски сојузници го обликуваа светот од кој можат да изникнат нови држави, а поединците можат да просперираат“, истакна Обама.

Претседателот и британскиот премиер Дејвид Камерон дискутираа по бројни прашања, вклучувајќи ја и Либија. Камерон се чини дека е за поагресивен пристап во обидот да се симне од власт либискиот лидер Момар Гадафи, додека Обама е за поголема претпазливост.

Претседателот Обама потоа учествуваше на економскиот самит на Групата Осум најразвиени земји во Довил, Франција, барајќи финансиска помош за Египет, Тунис и другите арапски земји демонстрирајќи ветување за демократски развој.

Лидерите на Г8 не изнесоа конкретна определба, но сепак истакнаа дека можно е на Египет и на Тунис да им бидат понудени 20 милијарди долари за реформскиот процес.

Во Довил, претседателот Обама не успеа да го убеди рускиот претседател Дмитри Медведев дека планираниот систем за противракетна одбрана на САД, нема да биде насочен на руските проектили.

Медведев сепак се согласи да ги поддржи напорите за соборување на Гадафи од власт.

Во Варшава, американскиот претседател го убедуваше полското раководство дека подобрените американско-руски односи не значат намалување на определбата на Вашингтон за заштита на НАТО-сојузникот, Полска.

„Она што се обидуваме да сториме е креирање на средина во регионот каде ќе владее мир и безбедност. Тоа не само што е корисно за регионот, туку е добро за САД. Секогаш ќе бидеме на страната на Полска“, истакна Барак Обама.

Беше карактеристично што на секоја од станиците од турнејата низ Европа, американскиот лидер ги потсетуваше Европејците дека американското трансатлантско сојузништво е камен-темелник за ангажманот на Вашингтон во светот.

XS
SM
MD
LG