Линкови за пристапност

Обама стави потпис на мерката за здравствени реформи


Ова е најзначајна реформа на американскиот здравствен систем во последните четири децении. Законот ќе го прошири здравственото осигурување на дополнителни 32 милиони Американци.

Претседателот Обама стави потпис на мерката за коренити здравствени реформи, со тоа заокружувајќи ја едногодишната битка со опозиционите републиканци за промена на системот на здравствена заштита во САД.

Ова е најзначајна реформа на американскиот здравствен систем во последните четири децении. Законот ќе го прошири здравственото осигурување на дополнителни 32 милиони Американци.

На церемонијата на потпишувањето на мерката со што таа и официјално стана закон, Обама кажа дека голем број „итно неопходни реформи“ ќе стапат на сила веднаш, како на пример даночни кредити за малите бизниси кои пружаат здравствено осигурување за вработените. Тој рече и дека сега компаниите не ќе смеат да ускратат осигурување за деца со претходни здравствени проблеми, или пак да го укинат осигирвањето кога осигуреникот ќе се разболи.

Иницијативата за здравствена реформа предизвика жива и емотивна дебата ширум земјата. Републиканците во обата дома на Конгресот се жестоко против мерката. Водачот на републиканците во претставничкиот дом Џом Бонер изјави дека Обама со потписот практично отпишал уште еден влог од слободата што Американците ја уживаат.

Мерката во Претставничкиот дом неделата беше изгласана со тесно мнозинство - „против“ гласаа сите републиканци и 34-ца демократи. Претставничкиот дом гласаше по мерката што ја усвои Сенатот кон крајот на декември минатата година, но истовремено одобри и пакет промени на сенатската верзија. Сенатот неделава треба да започе дебата за тие промени.

Демократските лидери планираат промените да бидат усвоени преку усогласување на верзиите на Претставничкиот дом и Сенатот, за што е потребно просто мнозинство. Републиканците, пак, најавуваат бројни амандмани наменети за блокирање на усогласената верзија, а официјални претставници на неколку сојузни држави се заканија дека ќе поднесат тужби против мерката, нарекувајќи ја противуставна и тврдејќи дека го крши суверенитетот на сојузните држави.

Се очекува мерката во вредност од 940 милијарди долари на крајот да обезбеди субвенции за Американците за да купат задолжително приватно здравствено осигурување.

XS
SM
MD
LG