Завршија летните одмори и студентите во САД се подготвени да се вратат во клупите. Порано, многумина го избираа францускиот или шпанскиот како странски јазик за изучување. Сега, пак, има нов тренд – познавањето на арапски или фарси стана важно од аспект на американската национална безбедност и се` повеќе Американци ги изучуваат овие јазици.
Џејсон Коп вежба фарси во Вашингтон на приватни часови при Институтот за Блискиот Исток - независен истражувачки центар што нуди курсеви и по дари и хебрејски.
Според податоци на Институтот, бројот на студенти кои се запишале за изучување фарси или арапски тројно се зголемил последниве години. Фариназ Фирузи ги координира часовите. Вели, нејзиниот типичен ученик е млад Американец заинтересиран за нови работни места во владата што бараат јазични способности: „Можеби најпрво учеле арапски, а сега со промената на фокусот во вестите и меѓународната ситуација, сакаат да добијат нова работа и се заинтересирани или за Авганистан, или за Иран“.
Стотици нови работни места во САД од апликантите бараат познавање на арапски или фарси. Џејсон Коп е одговорен за преводи и јазични проекти за Белата куќа и Стејт департментот: „Од аспект на работата, познавањето на јазиците беше корисно поради тоа што се зголеми работниот обем поврзан со нив“.
Американската влада ги смета арапскиот и фарси за нови „важни јазици“, заедно со кинескиот, хинду и неколку други. И покрај зголемениот интерес за нивно изучување, сепак има итна потреба од поголем број предавачи по арапски и фарси. На ниво на САД во 2008-ма, само 13 студенти стекнале магистерски статус за овие два јазика.