Во САД преживува еден на секои 10 жртви на срцев удар, надвор од болнички услови – статистика што се нема сменето веќе 30 години. Но, ново истражување нуди надеж.
Стручњаците од Универзитетот на Мичиген утврдија дека луѓето од сиромашни средини имаат поголеми шанси за преживување доколку им се дадат упатства за прва помош во случај на срцев напад. Веројатноста од срцев удар кај оваа популација е два до трипати поголем во споредба со луѓето од побогати средини..
Промената на стилот на живот, како и новите лекови и третмани, исто така може да помогнат срцевите заболувања да се сведат на минимум.
Кардиологот Хариндра Вуџесунаера наведува дека бројот на смртни случаи од срцеви заболувања во Онтарио, Канада меѓу 1994-та и 2005-та се намалил за околу 35%, во најголем дел поради промени во навиките и однесувањето:
„Околу 48% од намалувањето е поврзано со подобрувања во однос на ризичните фактори, како високиот крвен притисок, холестеролот и пушењето“.
Медицински направи играат се` поважна улога во здравјето на срцето. Меѓу најновите е една, не поголема од канцелариска спојница, што би можела да ја револуционизира реакцијата на срцев удар. Таа покажа добри резултати во клиничките испитувања. Д-р Вилијам Абрахам од Универзитетот Охајо по тој повод вели:
„Измина деценија откако имавме вака позитивни резултати при клиничко испитување“.
Се работи за тенок сензор што преку катетер се внесува во пулмонарната артерија на срцето. Процедурата трае само седум минути. Пациентот потоа со движење на прачка преку градите собира податоци за срцевиот притисок. Податоците се испраќаат електронски до комјутерот на лекарот, кој по потреба ја менува терапијата. Со сензорот пациентите имаа 30% поголема шанса да избегнат хоспитализација. Американската администрација за храна и лекови се` уште ја нема одобрено направата за користење кај пациенти со срцев удар.