„Ние како земја не изобилуваме со огромни природни богатства. Нашето поле на борба треба да биде степенот на знаење и затоа ние сме решени да ги спроведуваме реформите кои ќе значат зголемување на квалитетот на образовниот систем во Република Македонија. Свесни сме дека можеби на краток рок, дел од овие крупни реформи можат да ни донесат определени негативни политички поени. Но, за нас, тоа во оваа фаза не е најбитно, најбитен е долгорочниот ефект кој што ќе се постигне од нивното спроведување, а тоа е зголемување на вкупниот квалитет на образование во Македонија, а тоа е и развој на државата на сите полиња“, изјави заменик-министерот за образование Спиро Ристовски на вчерашната прес конференција.
Тој и ресорниот министер Абдулаќим Адеми обелоденија дека Владата веќе усвоила нов пакет од пет предлог-закони, засновани врз „позитивните практики и искуства во далеку поразвиените земји и репери на глобалниот образовен простор“.
„Како Влада цврсто сме убедени дека државниот испит ќе придонесе за унапредување на квалитетот на високо образовниот систем. Тоа е единствената причина за негово воведување. Сите останати тези, од типот дека со државниот испит се нарушува автономијата на универзитетите, државата сака да ги контролира професорите, да им наштети на студентите, да заработи на нивна сметка и слично, се само мит фабрикуван од одредени политички структури“, потенцираше министерот Адеми.
„Се работи за предлози кои ќе бидат предмет на јавна дебата и дискусија при што сериозно внимание ќе биде посветено на сите конструктивни и издржани забелешки и сугестии“, изјави Адеми за ненадејната одлука, потенцирајќи дека по објавувањето на предлозите на Интернет-страницата на МОН, сите заинтересирани субјекти ќе можат да ги анализираат, да се подготват и да се пријават за активно учество во некоја од дебатите следните денови.
Според Адеми, новиот закон за високо образование предвидува четири суштински промени: редефинирање на Болоњскиот систем; воведување на задолжителен усмен испит, покрај писмениот, заради унапредување на комуникациските вештини и начинот на изразување на студентот; воведување на државен испит како механизам за верификација на академското знаење и за проверка на ефектот од она што државата го вложила во идната академска заедница; и воведување на приемен испит за студентите - странски државјани.
Според Ристовски, со Предлог-законот за измена на Законот за високото образование е предвидено студиски програми од трет циклус на студии да можат да организираат само универзитети коишто се меѓу првите пет рангирани во регистарот на високообразовни установи во Македонија, како и можноста ректор или декан на високообразовна установа да биде и странски државјанин. Реакции, пред се`, се очекуваат за првиот предлог, затоа што според последното рангирање, докторски студии не ќе можат да се организираат на ниту еден приватен униврезитет.
Власта предвидува и драстични измени во средното образование, преку нов закон за Академија за наставници, којашто ќе работи на стручно усовршување на студентите од наставничките факултети и ќе го „зајакнува педагошко-психолошко и методскиот аспект на професијата наставник“. Програмата за обука ќе ја подготвувал и спроведувал Програмски совет во којшто ќе членувале и наставници од првите 50 највисоко рангирани универзитети во светот, согласно Шангајската листа.
Според новиот закон, за наставниците коишто се веќе во работен однос, а не се лиценцирани, ќе има и стимулативна компонента – со новата лиценца, месечната плата ќе им биде зголемена за 3.000 денари. Исто така, се предвидува и детална спецификација на условите за вршење на професијата наставник, на условите за засновање на работниот однос, дефинирање на категориите на наставници и нивните работни задачи, како и нивно континуирано стручно усовршување и кариерен напредок.
Ристовски вчера апелираше – „сите политички партии, наместо да посегнуваат по основците, средношколците, студентите, наставниците и професорите, со цел да ги манипулираат заради собирање на политички поени, да понудат свои предлози и сугестии, со што би дале придонес во имплементацијата на овој досега најкрупен пакет на суштински реформи во насока на унапредување на квалитетот на образовниот систем во земјата“.
Реагираше опозицискиот СДСМ – партијaта смета дека „Владата и Министерството за образование се исплашија - затоа се обидоа да ги пресретнат факултетите, од коишто секојдневно излегува јасно НЕ за државниот испит“. Според социјалдемократот Петар Атанасовски, ставовите на универзитетските професори и на факултетите биле недвосмислени - дека нема потреба од дополнително оценување на студентите и дека со тоа Владата го загрозува уставно загарантираното право на образование и навлегува во автономијата на универзитетот. Според СДСМ, со прес-конференцијата, Владата објавила дека „влегува во пресметка со општеството - со студентите, со наставниците, со професорите, со сите..“.