Линкови за пристапност

Слатки што го променија животот на две сестри


Слатки што го променија животот на две сестри
Слатки што го променија животот на две сестри

На ваков чекор се решиле и покрај претходните вносни кариери, како во Гучи, и престижно образование, како на Принстон.

Доказ дека убавите соништа можат да станат реалност е пекарата на сестрите Кетрин Калинис и Софи ЛаМонтеин во центарот на Вашингтон. Ги напуштиле своите кариери, за да почнат бизнис што отсекогаш го посакувале. Во 2008-ма ја отвориле Џорџтаун капкејк каде го нудат овој вид на слатки во 70-тина различни вкусови.

Родителите на Кетрин и Софи и нивните баби и дедовци потекнуваат од леринско, говорат и на македонски, и на грчки. Одамна емигрирале во Канада, а имаат роднини и во Австралија. Сестрите потоа решиле своето образование да го продолжат во САД.

Слатки што го променија животот на две сестри
Слатки што го променија животот на две сестри

Кетрин говори за инспирацијата да отворат продавница во која слатките се третираат безмалку како – уметнички дела:

„Уште како мали имавме сон да отвориме пекарница. Печевме заедно со нашите баби и сега ги користиме нивните рецепти“.

На ваков чекор се решиле и покрај претходните вносни кариери, како во Гучи, и престижно образование, како на Принстон. Кетрин и Софи се фокусираат само на десертот – капкејк, бидејќи во преден план им е квалитетот. Вкусовите се различни, декорациите безбројни, но основата се само три рецепти на нивните баби. Во моментов, од преку 100 вработени во компанијата, овие рецепти, кои не се ставени на хартија, ги знаат само шесторица пекари, вклучувајќи ги и сестрите.

Задоволството на лицата на муштериите е она што ги мотивира.

„Доаѓаат тука бидејќи чувствуваат дека е специјално место и искуство. Многу ни значи дека дури и туристите, покрај атракциите и Белата куќа, доаѓаат и нас да не` посетат“, вели Софи.

Причината за успехот лежи и во состојките што се употребуваат.

„Се` е свежо, сето овошје, но и со висок квалитет, на пример, какао-правот е од Франција. Се пече секојдневно“, раскажува Кетрин.

А кога неизбежно ќе дојде до стресна ситуација, помага кој друг ако не - мајката Елејн.

„Сестри сме, може да си противречиме, но сепак сме семејство и се поддржуваме“, вели Софи.

„Акцијата“ на Кетрин и Софи може да се следи и на реалното шоу на тв-каналот Ти-Ел-Си, со наслов Ди-Си-Капкејкс. Компанијата донира во хуманитарни цели, особено за здравјето на жените и децата.

Џорџтаун капкејк има две локации во Вашингтон, а се планираат и нови. Популарен е методот на нарачки преку нивната веб-страница, а заинтересирани има од речиси сите делови на САД. Никогаш не се знае, велат Кетрин и Софи, еден ден можеби ќе се прошириме и надвор од Америка, во Европа, на пример.

Сопственичките на оваа таканаречена мини-империја дневно успеваат да продадат најмалку 5.000 слатки и велат дека и покрај рецесијата - цената е иста.

XS
SM
MD
LG