Околу 25 модели на автомобили, сите на електрично напојување или хибриди, годинава ќе се најдат на американскиот пазар. Во меѓувреме големи корпорации веќе најавија големи зделки на купување на овие возила како замена за старите.
Џонатан Леш е претседател на Светскиот институт за ресурси, кој неодамна ја објави годишната прогноза за еколошките настани што ќе ја одбележат оваа година.Тој го поставува прашањето колку навистина животната средина ќе има корист од префрлањето на електрични возила. Ако возите електричен автомобил во област каде поголеиот дел од струјата доаѓа од јаглен, имате околу 25 проценти намалување на емисијата на јаглероден диоксид., вели Леш.
Транспортот, вели тој, ќе биде главна тема. Густиот сообраќај во големите градови претставува голема грижа. Колумбија и Бразил веќе транспортираат милиони луѓе преку брзи автобуски системи, избегнувајќи големи инвестиции и сообраќаен метеж.
За меѓуградски транспорт, пак, Леш вели дека Кина вложува многу во брзи возови, повеќе од која било друга земја во светот.
Кина воедно вложува многу и во обновлива енергија.
„Не можете да погледнете во она што го прави Кина, а да не бидете импресионирани од нивото на нивната амбиција во смисла на опсегот на промените во еколошката средина и новото на определба“, изјави Џонатан Леш.
Овој експерт додаде дека политички, САД заостануваат зад остатокот од светот.
Минатата година Конгресот не ја одобри легислативата за климатски промени. Како резултат на тоа, вели Леш, во САД ќе се забави напредокот во добивање чиста енергија. Тој сепак се надева дека промените во сојузните држави одделно, ќе доведат до национални промени.
„На сојузно ниво, преку 20 држави имаат сопствени програми за подобра животна средина, овој тренд е актуелен и на ниво на градови и општини “, вели Леш.
Во меѓувреме, Американската агенција за заштита на животната средина соопшти дека ќе започне со регулирање на испуштањето на штетните издувни гасови и токсични супстанции.
Регулативите веќе се соочуваат со опозиција од претставници на индустријата и одредени политичари.
Леш посочи и дека друг феномен на кој треба да се внимава се цените на храната. Нивниот пораст не е само заради зголемената побарувачка на енергија и зголемување на бројот на населението.
„Врз процесот влијаат и климатските настани во светот. Поплавите, сушите, невремето, сето тоа влијае на залихите на земјоделски производи.
Експертите велат дека доколку светот не обрне внимание на влијанието на климатските промени врз земјоделството, ситуацијата во сиромашните земји најверојатно ќе се влоши.
Ендрју Стир, специјален претставник за климатски промени при Светската банка, вели дека организацијата вложува напори во 130 земји за намалување на ефектите на климатските промени, особено во земјоделството.