Линкови за пристапност

Кина вели немало хакерски напад врз Гугл


Кина вели немало хакерски напад врз Гугл
Кина вели немало хакерски напад врз Гугл

Тврдењето на Гугл за хакерски напад врз електрoнската пошта на компанијата Кина го нарече „неприфатливо“

Официјален Пекинг ги отфрли тврдењата од страна на Интернет-компанијата Гугл која се сомнева дека кинески хакери се обиделе да украдат лозинки на стотици корисници на електронската пошта на Гугл, Џи-меил.

Министерот за надворешни работи Хонг Леи изјави дека е неприфатливо Гугл да ја обвинува Кина за обид да се украдат лозинките на виши американски владини претставници, кинески активисти и новинари. Тој додаде дека кинеската влада високо ја вреднува безбедноста на Интернет и врши надзор на Интернет „сообраќајот“. Кина врши строга контрола врз Интернетот во обид, како што вели, да спречи објавување на штетен материјал, како порнографија.

Сепак, повеќето групи за заштита на човековите права и влади, сметаат дека вистинската причина е во цензурирање на про-демократските активисти и дисиденти кои се противат на владеачката Комунистичка партија.

Портпаролот на кинското Министерство за надворешни работи истакна и дека кинеската влада остро се противи на, како што ја опишува, илегалната активност на Интернет, вклучувајќи ги и хакерските напади и ќе се справи со оваа појава, согласно законот.

Гугл тврди дека ги лоцирал хакерите во Џинан, главниот град на источната кинеска провинција Шандонг. Минатата година американски истражители кои разгледувале слични хакерски напади врз Гугл, изјавија дека ги лоцирале одговорните во истиот регион.

Еф-Би-Ај соопшти дека соработува со Гугл по наводите за последниот напад. Односите меѓу Гугл и Пекинг се затегнати откако компанијата делумно се повлече од Кина на почетокот на 2010-та година поради прашања за цензура и хакерски напади.

XS
SM
MD
LG