Линкови за пристапност

„Ти парти“ има клучна улога во преговорите за буџетот


„Ти парти“ има клучна улога во преговорите за буџетот
„Ти парти“ има клучна улога во преговорите за буџетот

Битката во Конгресот продолжува, а конзервативното движење „Ти парти“ е дополнителна компликација

Симпатизери на движењето „Ти парти“ деновиве организираа собир во близина на зградата на американскиот Конгрес, за да извршат дополнителен притисок врз републиканците за скратување на буџетот.

Во групата беше и организаторката на „Ти парти“, Џени Бет Мартин.

„Ние ќе предводиме како американски народ, доколку луѓето кои ги избираме не можат да се организираат и да одлучат како да постапат“, вели Мартин.

Ова беше помал собир споредено со изминатите на истото движење, но пораката од еден од поддржувачите на „Ти парти“, Брук Стореј до републиканските законодавци беше јасна - да нема повеќе компромиси со претседателот Обама и демократите.

„Токму компромисот е тоа што не` доведе до овој степен. Не можеме повеќе да работиме на компромис. Пред банкрот сме, Америка е пред банкрот“, вели тој.

Токму поддршката на „Ти парти“ им помогна на републиканците да победат на конгресните избори минатата година, а неколкумина републикански конгресмени ги повикуваа насобраните да продолжат со притисокот за скратувања во буџетот.

Меѓу нив е и конгресменката Мишел Бакман од Минесота, која се смета за еден од можните републикански кандидати за претседателската функција.

„Вие сте одлични, не е ни чудо што се плашат од вас. Тие се плашат од вас бидејќи сте моќни и ви порачувам – останете храбри, а знам дека ќе останете такви“, истакна Бакмен.

Додека „Ти-парти“ движењето можно е да не биде расположено за компромис, претседателот Барак Обама верува дека вакво однесување не е добро за САД.

„Во време кога економијата само што започна да се опоравува, кога само што почнаа да се отвараат нови работни места, последно што ни треба е пореметување на овој циклус како резултат на престанок на работата на владата“, вели Обама.

Сепак, засега, предложените буџетски скратувања од страна на Белата куќа не се доволни да ги задоволат барањата на претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Џон Бонер.

„Се залагаме за најголеми можни буџетски скратувања и ќе продолжиме да се бориме за тоа“, вели Бонер.

Што и да се случи, велат екпертите, политичката битка околу буџетот и улогата на централната влада ќе продолжи и за време на кампањата за претседателските избори наредната година.

Најновите анкети покажуваат дека Американците се длабоко поделени околу тоа која партија би ја сметале за виновна ако владата навистина биде принудена да престане со работа.

XS
SM
MD
LG