Следниот понеделник се одбележува носталгична годишница. На 6-ти јуни, 1933-та година во Кемден, Њу Џерси беше отворено првото кино на отворено. До 1950-та биле изградени 4.000 од овие кина под ѕвезди, но до ден денес преживеале само неколку стотици од нив.
Во ваквите кина филмот на огромен екран можеше да се следи од седиштето на вашиот автомобил, паркиран покрај други, за разлика од денешните кино сали, каде понекогаш седите до некој што зборува додека трае проекцијата, или сте изложени на плач на деца или, пак, сте зад некој што ви го попречува видикот со телесната големина.
Филмовите главно биле од жанрот на семејна драма, научна фантастика и акциони трилери.
На локациите имало и храна, најчесто пржена во длабоко масло, но и пуканки и газирани пијалоци. Имало и луѓе кои „шверцувале“ и алкохол, а не заостанувале и оние кои со себе ќе земат поголемо друштво, но скриено во задниот дел на автомобилите, за да избегнат плаќање на повеќе од два билета, на пример.
Појавата на телевизијата во боја и трендот на изнајмување на видео-ленти почна да го прави привлечно седењето дома, пред сопствените тв-екрани, за гледање филм.
Кога некои од сопствениците на овие кина на отворено почнале да прикажуваат поексплицитни филмови, соседите, родителите и полицијата биле тие што ги принудувале да го затворат бизнисот. Други пак го продале бизнисот на компании за недвижнини и изградба на шопинг-центри. И така заврши една ера. Веќе никој не пишува песни како онаа на Beach Boys „Drive-in“, што зборува за прв љубовен состанок во вакво кино, каде, можеби, се гледало и тоа што се одвивало на платното.