Ситуацијата со загадувањето во Скопје деновиве, е слична и во другите поголеми градови. Енормното аерозагадување, како и силниот притисок на јавноста ги натера новите локални власти да седнат на маса со претставници на владата за да се разговара за решение за еден од најсериозните проблеми во Македонија. Интегриран пристап – тоа е е епилогот од состанокот на кој е решено секоја од надлежните инстутиции да преземе соодветни мерки во својата сфера. Ресорниот министер за животна средина излезе со неколку предлози.
„Субвенционирање за поставување филтри во институциите и во јавните претпријатија и тие да добијат А лиценца, поттикнување на употреба на електрични возила, зголемена и зајакната инспекција“, изјави министерот Садула Дураку.
Властите во Скопје, кој е еден од најзагадените градови, најавуваат мерки за намалување на сообраќајот - сегмент кој сериозно придонесува во екстремно лошиот воздух.
„Градот заедно со МВР иницира законски измени со кои при технички преглед на возилата секое возило ќе може еколошки да се мапира и да добие соодветна налепница, а потоа градските власти ќе можат административно да ги исклучуваат возилата што придонесуваат за загадувањето“, подвлече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
УНДП изготви студија за изворите на загадувањето во Скопје. Податоците се загрижувачки.
„УНДП го истражуваше загревањето на домаќинствата и утврди дека тоа е извор на една третина од загадувањето на воздухот во Скопје. Транспортот, индустријата и градежништвото придоенсуваат секое по 20 проценти“, изјави претставничката на УНДП во Македонија, Луиза Винтон.
Студијата покажува дека 45 отсто од домаќинствата во Скопје се греат со дрво или со други штетни материи за што годишно се трошат 370.000 тони огревно дрво. Таа количина е еднаква на бројот на дрвја на Водно.
Facebook Forum