Линкови за пристапност

Македонија на самитот ќе потсети на пресудата на Меѓународиот суд на правдата


Министерот за одбрана во интервју за македонски весник потенцира дека Македнија ќе продолжи да биде придонесувач во активностите на НАТО.

На самитот на НАТО кој започна денска во Кардиф, Велика Британија ќе присуствува и македонска делегација на чело со министрите за надворешни работи и одбрана, Никола Поповски и Зоран Јолевски.

Од МНР соопштуваат дека „министерот Поповски ќе ги изнесе македонските видувања во поглед на одложеното членство од 2008 година и напорите кои се вложуваат за негова реализација, како и очекувањата од аспект на партнерскиот однос кој го имаме, после констатацијата од Меѓународниот суд на правдата за прекршување на меѓународното право од една земја членка на НАТО“.

Во врска со условеното зачленување на Македонија во НАТО со решавање на спорот за името министерот Јолевски во интервју за Вечер изјави дека Македонија останува целосно посветена на разговорите под покровитество на ООН да се најде заемно прифатливо решение.

„Не треба да се заборави дека ја имаме пресудата на Меѓународиот суд на правдата - дека Грција направила повреда на Времената спогодба и дека тоа треба да престане да го прави во иднина“, вели Јолевски.

Министерот за одбрана во интервјуто потенцира дека Македнија е де факто член на НАТО со учество во мисиите на оваа организација во Авганистан и Ирак и дека ќе продолжи да биде придонесувач во активностите на НАТО.

„Учеството на Македонија во овие мисии е промоција за државата, но вооедно е и доказ дека ние сме партнер кој придонесува за зајакнувањето на мирот и стабилноста во светот“, вели Јолевски.

Во врска со кризата во Украина, што е и една од главните теми на самитот, Јолевски изразува уверување дека НАТО ќе се реформира и ќе излезе од оваа криза уште посилен.

Силни држави и силни организации се оние кои кога ќе се соочат со криза наоѓаат сили да се реформираат и да излезат уште посилни. Сигурен сум дека НАТО по самиот ќе се реформира и ќе биде уште посилна организација, вели Јолевски во интервјуто за весникот Вечер.

XS
SM
MD
LG