Линкови за пристапност

Епидемија на мали сипаници во Македонија


Здравствената ситуација во државата ја усложнува и појавата на болест што се сметало дека е искоренета – шугата.

Центарот за јавно здравје прогласи епидемија на морбили во Скопје. За три месеци, потврдени се 25 случаи на заболени од, меѓу народот познати како, мали сипаници. Можеби бројката е навидум мала, но оваа, некогаш смртоносна болест, е на листата за задолжителна вакцинација во Македонија. Половина од заразените се деца до четири години, а останатите на возраст меѓу 20 и 40 години. Но, она што е важно е што сите се епидемиолошки поврзани. Се работи за 5 семејства, болеста се ширела преку блиски контакти, а во синџирот се уште четири случаи, кои најверојатно деновиве ќе бидат и лабораториски потврдени.

Лилјана Лазаревска, раководител на Одделението за епидемиологија при Институтот за јавно здравје Скопје, посочи уште една каратеристика за оваа епидемија – најголем број од заболените не добиле комплетна вакцинација против ова заболување, а некои и воопшто не биле вакцинирани.

„Само едно лице е вакцинирано со две дози, две се со една доза, а другите се невакцинирани. Опасноста е голема и може да дојде и до потешки компликации кај децата. Потешка клиничка слика главно има кај возрасните, а најчеста компликација досега е бронхо-пневмонијата. Меѓу заболените има и бремена жена која имала спонтан прекин на бременоста“, изјави д-р Лазаревска.

Но она што предизвикува голема загриженост во Центарот за јавно здравје е трендот од 2012 година на намалување на бројот на децата кои ја примаат токму оваа вакцина – МРП, поради што опфатот е сведен на 80 проценти од популацијата, додека за спречување на епидемија, тој процент треба да се движи меѓу 95 и 98 отсто.

„Комисијата за заразни болести вчера донесе вонредните мерки за вакцинирање на најблиските контакти кај заболениот без оглед на возраста. Иако во Правилникот велиме вакцинација до 14 години, сега веќе дозволуваме вакцинација и на постари лица доколку биле во близок контакт со заболениот. Одлучивме доколку се јави заболен од морбили во колектив, градинка, училиште, здравствена установа, веднаш да се вакцинираат сите кои биле во близок контакт со него без оглед на возраста до 50 години доколку не се комплетно вакцинирани“, соопшти Јованка Костовска од Секторот за превентивна медицина во Министерството за здравство.

Пред неполн месец во неколку градови во земјава, меѓу кои и Скопје беа регистрирани случаи на шуга, болест што се сметаше дека е искоренета уште во минатиот век. Според вработените во амбулантите пациентите барале помош од алергија, а всушност биле заразени од паразитот шугавец. Бројот на пријавените случаи е повеќе од десетина само во првите два месеци од годинава, од кои најмногу во Скопје, но и во Прилеп, на возраст од една до 60 години.

Иако ова заболување најчесто се поврзува со нечистотија и лошо одржување лична хигиена, лекарите велат дека капењето не е гаранција дека некој нема да добие шуга.

„Сепак факт е дека шугата почесто се појавува каде што има низок степен на лична хигиена. Но со шуга некој може да се зарази, освен со директен контакт, и преку пробање облека, додека од возење во јавен превоз, на пример, не може да се добие паразитот“, вели д-р Наташа Јаковлевиќ, специјалист дерматовенеролог.

Од Kлиниката за дерматовенерологија велат дека шугата е пренослива болест.

Државниот завод за статистика изнесе податоци дека во 2012 година месечно се трошеле по 890 денари по едно четиричлено семејство за одржување лична хигиена.
XS
SM
MD
LG