Линкови за пристапност

Загрижувачка состојба со насилството врз жени и деца со попреченост


Националната мрежа, преку брошури за различни типови инвалидитет, ќе ги информира жртвите каде да се пријави насилство

Насилството врз жените и девојчињата со попреченост е сериозен општествен проблем што бара должно внимание на властите, но, во Македонија, за жал, сè уште не постои изграден систем за заштита на ваквите жртви. Статистика за пријавени случаи на насилство врз жени и девојчиња со попреченост не постои во Македонија, па оттаму и неможноста за компаративни анализи со европските земји“, беше истакнато на дискусијата „Жени и девојчиња со попреченост - потенцијални жртви на родово базирано насилство“.

Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство - организација, која минатата недела ја организираше дискусијата, во соработка со Министерството за здравство и со агенции на ОН, за Гласот на Америка, изјави дека Македонија има повисока стапка на насилство врз децата од другите европски земји.

На панелот воведно обраќање имаше постојаната координаторка на ОН во Македонија и постојана претставничка на УНДП Луиза Винтон, а покрај Елена Димушевска, говорници беа и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс и апсолвентката на Факултетот за музичка уметност Ема Ананиевска, која како лице со попреченост, зборуваше за личното искуство со недостигот на поширока поддршка на општеството.

„Жените и девојчињата со попреченост се соочуваат со двојна дискриминација. Немаат еднаков пристап до образованието, здравствените услуги и вработувањето, а се соочуваат и со повисок ризик од насилство, злоупотреба и експлоатација. Затоа, треба двојно повеќе да работиме за да им овозможиме целосно да го уживаат правото да водат исполнет, независен и безбеден живот во заедницата“, рече Винтон.

Иако жените и девојчињата со попреченост во Македонија се дискриминирани, не само поради полот, туку и заради својата состојба, и иако Истанбулската конвенција предвидува сите сервиси, што ги дава државата за превенција, помош, поддршка и рехабилитација на лица кои претрпеле семејно насилство, треба да бидат пристапни и за лицата со различни видови попреченост, особено за жени и девојки, во Македонија недостасуваат достапни специјализирани сервиси за поддршка на таквите лица, како и стручен кадар.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска потенцираше дека изминатите години многу малку се зборувало за ваквото насилство.

Таа истакна дека во Скопскиот регион почнал да работи стандардизиран специјален сервис, и оти таквата пракса ќе продолжи низ целата земја.

„Тоа го налага и Истанбулската конвенција, која предвидува дека сите сервиси што ги дава државата треба да бидат пристапни и за лицата со различни видови попреченост, специфично жени и девојки”, рече Царовска.

Според претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс, бројот на жени и деца на глобално ниво, но, и во Македонија, кои се жртви на насилство е многу поголем отколку што се претпоставува.

„Децата со попреченост се трипати повеќе изложени, отколку оние без попреченост, секое четврто дете е сведок на домашно насилство, а секое трето девојче е жртва на насилство во детството. Половина од нив никогаш никому не му кажуваат за тоа. Сето ова остава траен белег и подоцна влијае врз учењето, здравјето и сите други аспекти на животот“, рече Перкс.

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, преку подготвените брошури приспособени на различни типови инвалидитет, ќе ги информира жртвите каде да се пријави насилство, и кој може да им понуди помош и поддршка.

„Во однос на жените и девојчињата со попреченост и заштитата од насилство, состојбата е загрижувачка. Имено, постоечките сервиси за жртви на семејно насилство не се пристапни и достапни за жените со физичка попреченост, а не постојат ни специјализирани тимови кои обезбедуваат психосоцијална помош на жените со интелектуална попреченост. Непостоењето на информативни брошури за различните форми на родово базирано насилство, со контакти од сервиси кои обезбедуваат помош и поддршка на жртви, а кои се лесно разбирливи за жените со интелектуална попреченост, или пак, се преведени на Брајова азбука за жените со оштетен вид, дополнително влијае врз намаленото пријавување на насилството од оваа ранлива категорија. Оттука, произлезе и идејата на Националната мрежа да изработи информативен материјал, а на панелот беа промовирани две брошури: една за жени со интелектуална попреченост и една на Брајова азбука“, изјави Димушевска.

На прашањето кои чекори ќе ги преземе Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, со цел ублажување на овој сериозен општествен проблем, Димушевска, ни изјави:

„Недостатокот на специјализирани сервиси за жени - жртви на насилство оневозможува обезбедување на итна и соодветна заштита на жртвите. Токму затоа, фокусот на активностите на Мрежата е во насока на воспоставување на нови сервиси, како шелтер-центри, кризни центри, советувалишта за психосоцијална поддршка и бесплатна правна помош, кои ќе бидат лесно достапни и пристапни за сите жени кои се жртви на насилство, вклучувајќи ги и жените со попреченост како дополнително ранливи. Финансирањето на овие сервиси треба да го обезбеди локалната самоуправа и Министерството за труд и социјална политика“.

Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство е основана во 2010-та година, од дваесет граѓански организации, кои работеа на превенција и борба против насилството врз жените и семејното насилство, а регистрирана е како правен субјект на 16-ти декември 2011-та година.

Мисија на Мрежата, која сега брои 27 организации - членки, е координирано делување на граѓанските организации за унапредување на политиките и практиките за справување со проблемот на насилство врз жените и на семејно насилство, и за препознавање на женските човекови права и нивна афирмација во Македонија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG