Иселениците во САД наскоро би можеле да носат членови на нивните семејства на специјална виза, таканаречена Б3 виза, наместо да аплицираат за туристичка виза или зелена карта.
Легислативата за воведување ваква виза ја предложија сенаторите Ренд Пол и Ричард Блументал, заедно со четворица други конгресмени. Таа се` уште е во процес на разгледување во Конгресот.
Доколку се донесе овој закон, опција да вадат ваква виза ќе имаат и македонските граѓани што имаат блиски роднини во Америка. Визата ќе се издава за најмногу 90 дена во годината, и таа би можела да се добива и при прво аплицирање.
Сега, на околу две милиони лица годишно им се одбиваат барањата за виза за посета на роднина во САД.
„Креиравме нова категорија виза за членови на семејства на американски државјани и постојани жители со зелена карта. Таа обезбедува услови и гаранции да се намали загриженоста на конзуларните претставници дека апликантите ќе го променат статусот во САД или оти ќе останат подолго отколку што трае визата“, вели Али Рахнама од Алијансата на Американци со иранско потекло во Вашингтон, кој работи со Конгресот на САД да се донесе ваквата легислатива.
Процесот за добивање на новата виза треба да биде едноставен. Лицето што живее во САД поднесува барање за да ги покани роднините, потпишува писмо за финансиска поддршка како гаранција, а потоа роднините одат во амбасада и аплицираат.
„Ако член на семејството дојде во САД и остане подолго од рокот на визата, тогаш лицето што дало гаранција за нив ја губи можноста да ги покани во иднина повторно“, вели Рахнама.
За ваква виза ќе може да аплицираат родители, деца, баби и дедовци, тетки и внуци. Рахнама вели дека годишно се очекува да доаѓаат најмалку еден милион лица.
„За само куса посета, Асоцијацијата за патување на САД, вели дека луѓето трошат најмалку 5.000 долари. Тоа значи дека американската економија ќе добива милијарди долари од лицата што би доаѓале со оваа виза“, рече тој, додавајќи дека и републиканците и демократите ја поддржуваат оваа легислатива.
„Таа е претставена во Сенатот и Претставничкиот дом, што значи има голема поддршка за да се донесе“, вели Рахнама.
Идејата за ваква виза е да се промовираат националните интереси на САД преку поддршка на принципот за фамилијарно обединување.
Мето Колоски, претседател на Обединетата македонска дијаспора, вели дека во САД живеат околу седум милиони Американци по потекло од Југоисточна Европа, а дозволата за посета на нивните семејства ќе ги зголеми туризмот и економијата на Америка.
„Особено сега и во иднина со оглед на последиците од ковид-19 врз американското општество. Македонците и другите етнички групи од регионот ќе имаат голема корист од Предлог-законот за привремена посета на семејството. Од нашиот регион само Грција и Словенија се на безвизната програма за САД, а наскоро се очекува и Хрватска да стане членка на таа програма“, изјави Колоски кој, исто така, работи со Конгресот да се донесе новото законско решение.
Според извештај на Конгресната служба за истражување, ваквиот закон би овозможил индиректна поддршка за економијата на САД од преку милијарда долари и создавање десетици илјади работни места.
Facebook Forum