Линкови за пристапност

Поддршка од Турција со јасни барања во однос на ФЕТО


„Имаме политичка волја да помогнеме, но немаме до крај одврзани раце заради домашниот и меѓународниот правен систем“, изјави министерот Никола Димитров за барањето на Турција за преземање мерки против ,„терористичката организација ФЕТО“ и поддржувачите на Фетула Ѓулен

„Кога има долга традиција на блискост и пријателство, тешко е да се зборува за услови. Ако земјите се многу блиски, мора да доминира разбирањето. Проблемот на нашиот пријател е и наш проблем, во смисла на политичка волја ќе правиме сѐ да помогнеме“, изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров, на заедничката прес-конференција со својот гостин од Турција Мевлут Чавушоглу, на која двајцата ги истакнаа пријателските односи меѓу двете земји.

Проблемот на нашиот пријател е и наш проблем, во смисла на политичка волја ќе правиме сѐ да помогнеме.
Никола Димитров, министер за надворешни работи на РСМ

Заблагодарувајќи и се на Турција за ратификацијата на Протоколот за членство на Македонија во НАТО, Димитров потенцираше: „Ние сме сојузници уште од првиот ден на нашата независност, но сега и формално, а наскоро како идна членка на Алијансата ќе станеме и во таа смисла сојузници со пријателска Турција“, рече Димитров.

„Со Македонија, уште пред да биде поканета во НАТО, имавме природно сојузништво и во сите официјални документи на НАТО каде се споменуваше Македонија беше истакнато дека ја признаваме земјата под уставното име. И во понатамошниот период, нашата поддршка ќе продолжи. Националното собрание на Турција го ратификува Протоколот за членство во НАТО пред мојата посета и затоа сме особено среќни. Поради изборите имавме доцнење, но сега тој процес е завршен, а откако ќе продолжи и во другите земји, се надевам дека Македонија и официјално ќе биде членка на НАТО што е од суштинско значење за регионот“, истакна Чавушоглу.

Но, паралелно со поддршката за НАТО, Турција веќе подолг период по дипломатски пат бара од властите во Скопје поотворена поддршка и преземање мерки против, според официјална Анкара, терористичката организација ФЕТО и поддржувачите на потенцијалните соработниците на Фетула Ѓулен.

Се надевам дека Македонија и официјално ќе биде членка на НАТО што е од суштинско значење за регионот.
Мевлут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Турција

Тоа предизвикуваше загриженост во Скопје. Минатиот месец, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на новинарско прашање „дали власта во Скопје е сигурна во позициите на Анкара и дека нема да има пречки на македонскиот пат кон НАТО?”, одговори:

„Ништо не е сигурно и ништо не треба да се смета за сигурно, сè додека не се заврши. Затоа никој од нас не е релаксиран. Никој од нас не вели - ‘ах, ние нашето го завршивме’... А околу прашањето за екстрадицијата (на соработници на ФЕТО-н.з.), ние немаме дилеми. Сè она што е во согласност со стандардите кои се вградени во нашиот систем, во нашите закони, ние имаме и обврска да ги почитуваме. Меѓутоа, тоа не е единственото прашање во нашите билатерални односи“..

Коментирајќи ја ратификацијата на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО, во Народното собрание на Република Турција, пред два дена, министерот Чавушоглу денеска сепак, изјави дека „Турција секогаш ќе продолжи со поддршка за Северна Македонија и затоа го ратификувавме Протоколот за членство во НАТО“.

Но, потсети и дека иако не сака да зборува хипотетички, очекувањата на Турција кон македонската страна се јасни: „Ние работиме заедно во таа насока и очекуваме конкретни чекори. Нашите очекувања, нашата пријателска држава, многу добро ги знае и добро е што во иднина ќе ја продолжиме заеднички оваа работа и ќе имаме конкретни резултати во борбата против тероризмот“.

Според Чавушоглу, ФЕТО е терористичка организација со мрежа во 160 држави во светот, која претставува закана и за Македонија и дека се очекуваат конкретни чекори на македонските власти во поглед на турските барања за оваа организација

И Димитров потенцираше дека Република Северна Македонија сака да ѝ помогне на пријателска Турција, но повтори: „Имаме политичка волја да помогнеме, но немаме до крај одврзани раце заради домашниот и меѓународниот правен систем“. Во однос на поддржувачите на организацијата ФЕТО, Димитров рече и дека нема потреба од условување и дека процедурата за ваквите лица е во тек и во обвинителството и во судството во Македонија.

По ратификацијата од Турција, се очекува и останатите осум членки на НАТО да ја прифатат Македонија како 30-тата членка на НАТО.

За време на дводневната официјална посета на Скопје, главни теми на разговорите на шефот на турската дипломатија со неговите домаќини, покрај министерот Димитров, и премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, се билатералните односи меѓу двете традиционално пријателски земји и можностите за зајакнување на соработката во сите области од взаемен интерес.

По ратификацијата од Турција, се очекува и останатите осум членки на НАТО да ја прифатат Македонија како 30-тата членка на НАТО. Министерот Чавушоглу ја поддржа и евроинтеграцијата на Македонија со надеж дека во октомври ќе започнат преговорите за нејзино членство во ЕУ. А откако македонскиот претседател, во рамките на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Сараево, минатата недела се сретна со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, министерот Чавушоглу ја најави и посетата на Ердоган на Македонија, која се подготвува.

За време на посетата, Чавишоглу присуствуваше и на одбележувањето на тригодишнината од неуспешниот обид за државен удар во Турција, а со својот домаќин Димитров, официјално ја пуштија во употреба новата опрема за дигитализација на дипломатскиот архив на македонското МНР, проект што го поддржа турското МНР, а го финансираше Турската агенција за соработка и развој – ТИКА.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG