Линкови за пристапност

Трговските марки со името Македонија и македонски засега остануваат исти


Прашањето за употребата на трговските марки кои го содржат префиксот Македонски или Македонија дополнително ќе се решава согласно Преспанскиот договор помеѓу Македонија и Грција

Македонскиот рубин е еден од производите со потекло од Македонија на кои, пред името на производот, стои придавката македонски. Во 2008 година е брендиран како индустриска сопственост под оваа трговска марка.

„Самите странци кога ќе дојдат во Охрид го бараат како Македонски рубин. Не е само рубин, туку е Македонски рубин. Бидејќи ваков вид на камен, со ваква боја, виолетова, единствено имаме само во Македонија, поточно во прилепскиот регион. Таму се вади од самиот мермер. Македонскиот рубин како индустриска сопственост го има брендирано Дејан Шкатов, за кој ние, за негова промоција, сме задолжени за Охридскиот регион“, вели занаетчијата Митко Укоески.

За територијата на Република Македонија од вкупно 14.556 трговски марки на македонски субјекти, 79 го содржат зборот Македонија, 77 англиската верзија на името Macedonia, а придавката македонски ја содржат 12 регистрирани трговски марки. Кратенката МК е содржана во вкупно 93 случаи, а кратенката МАК во 35.

Податоците на Државниот завод за индустриска сопственост покажуваат дека македонските компании имаат меѓународно регистрирани 344 трговски марки. Само пет го содржат името Македонија. Меѓународно регистрирани македонски географски ознаки има вкупно пет и тоа: македонски ајвар, кривопаланечки мед, дисан, кочански ориз и охридски бисер.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, при неговата последна посета на Охрид во септември годинава, изјави дека прашањето за трговските марки согласно со Преспанскиот договор помеѓу Македонија и Грција дополнително ќе се решава, но дека кодовите Мк и Мкд остануваат.

„Додека не се најде решение останува се по старо. Без наша и нивна согласност не може ништо да се смени. Ќе има едно тело од наши и нивни бизнисмени со меѓународни експерти кое што ќе најде начин. Ние имаме повеќе трговски марки со името Македонија и македонско. Ќе се најде начин како тоа ќе функционира. Ова не е важно само за идентитетскиот дел, туку и за комерцијалниот интерес“, вели Министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Иако станува збор за политички прашања, Укоески очекува дека нема да дојде до промена на терминот Македонски во нивниот производ.

Од државниот завод за индустриска сопственост велат дека за сите идни користења на името Македонија, како дел од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитните знаци, согласно Спогодбата од Преспа, ќе решава меѓународна група на експерти, која треба да се формира во текот на 2019 година, со мандат од три години.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG