Линкови за пристапност

Осум малолетници претепани од врсници во инцидент во автобус на ЈСП


Полицијата трага по напаѓачите; апели да се преземат мерки за зачестените инциденти од ваков вид.

Средношколците од скопско Стајковци денеска не заминаа на училиште. Нивните родители, загрижени за нивната безбедност, одлучија тие денеска да не посетуваат настава. Директен повод е синоќешниот инцидент во автобусот на ЈСП со број 65, на станицата во населбата Ченто, кога осум малолетници беа претепани од нивни врсници.

Она што денеска го раскажуваа сведоците на бруталниот настан е налик на сценарио од акционен филм - црн автомобил без таблички прво му го пресекол патот на автобусот, по што десетина момчиња, маскирани со шалови и капи, наоружани со метални шипки и дрвени палки влегле во автобусот и удирале секого кој им се нашол на патот во преполниот автобус.

„Почнаа маскирани да влегуваат и да ги маваат и да ги влечат децата. Мене ме видоа дека ја удирам вратата со нога за да ја затворам и ме удрија со метална шипка по глава. Јас се бранев со рацете. Ме болеше многу, имам и модринки“, вели 15- годишно девојче.

„Пред автобусот застана црн Голф без таблички, по што влегоа маскирани деца, ништо не рекоа, само удираа. Ова се случува секој ден, има тепачки. Јас не се исплашив, бидејќи знам како е секој ден“, раскажува едно момче од Стајковци.

„Не е безбедно кога се враќаме, често сме провоцирани“, вели друго момче од истото место.

Додека полицијата трага по насилниците, шесте деца кои вчера беа примени во болница се пуштени на домашно лекување. Се работи за малолетници од скопските села Стајковци, Раштак, Булачани и Црешево.

До доцна во ноќта траеше вчерашната средба на родителите и роднините на децата со полицијата и пратеникот од ДУИ Сафет Незири, барајќи решение за ситуацијата за која родителите тврдат дека трае подолго време, но дека вчера доживеала кулминација. Тие на два часа го блокираа и локалниот пат, барајќи поголемо присуство на полицијата преку отворање на полициска станица во селото, што би ја гарантирало безбедноста на децата кои секојдневно патуваат кон Скопје и обратно.

„Мора да се преземе нешто, ова не е првпат. Со страв ги пуштаме децата на училиште“, вели еден родител.

„Апелирам до министерката за внатрешни работи - барањето на овие 8 месни заедници со 20.000 жители да биде приоритетно“, вели Тони Бојковски од месната заедница Стајковци.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која ќе има средба со локалното население, најави дека секоја иницијатива што ќе ја добијат е добредојдена. За неа, зачестените инциденти меѓу младите се последица на нарушувањето на системот на општествени вредности во земјата.

„Не се работи само за безбедносно прашање, туку се работи за начин на живеење и начин на почитување на одредени вредности на општеството, доколку кај младите луѓе почитувањето на интегритетот на другата личност не е на врвот на приоритетите на системот на вредности, тогаш проблемот со кој се соочуваме дефинитивно не е само безбедносен“, изјави таа.

Хелсиншкиот комитет за човекови права во Македонија денеска со писмена реакција побара надлежните институции веднаш да реагираат на овој, како што го квалификуваат, меѓуетнички инцидент.

„Особено загрижуваат вестите за реакцијата на месното население и основите за меѓусебни судири и одмазда на етничка основа помеѓу македонската и албанската етничка заедница. Овие податоци укажуваат на меѓуетнички пресметки кои би можеле потенцијално да ескалираат во насилство од поголеми размери помеѓу граѓаните во овој дел на Скопје“, се наведува во реакцијата. Воедно, оваа организација укажува на потребата, одговорните институции да го променат, како што се наведува, „наивниот пристап“ во постапувањето по овие инциденти и јавно да известуваат колку од нив добиваат епилог.

И за Генералниот секретар на Комисијата за УНЕСКО Лидија Топузовска, синоќешните сцени делувале крајно вознемирувачки.

„Младите се иднината на нашето општество. Ако тие правилно се насочат, поинаку ќе го доживуваат светот и нема да бидат предмет на калкулација“, вели Топузовска.

Партиите ги осудуваат инцидентите во Стајковци - бараат од МВР да го расчисти случајот и да ги упаси напаѓачите.

Од СДСМ сметаат дека вчерашниот настан отвора дилема - дали инцидентите во автобусите се можеби поттикнати од други мотиви, со цел да се дефокусира вниманието на јавноста од реалните состојби и случувања во државата, вели портпаролот Петре Шилегов. Според опозицијата, инцидентите се резултат на длабоката поделеност во општеството и неефикасноста на МВР да се справи со ваквите состојби.

Вчера попладне имало уште два инциденти на автобуски постројки меѓу ученици во Скопје. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, заклучно со септември годинава, во земјата се регистрирани 109 инциденти во средни и основни училишта во кои се повредени 101 ученик.
XS
SM
MD
LG