Линкови за пристапност

Потпишан „извештајот за ЕУ“, контроверзите остануваат

  • Синиша Станковиќ

Полицијата меѓу поддржувачите на владата (лево) и на опозицијата (десно) за време на собраниските настани во Македонија на 24-ти декември 2012-та

За ВМРО-ДПМНЕ, Извештајот на Комисијата за „црниот понеделник“ не е валиден и е потпишан под уцена, а за СДСМ во него е нотирана вистината.

„Се радувам што теснопартиските интереси се надминаа во интерес на граѓаните и на евроинтегративниот процес на Република Македонија. Двомесечната работа заврши, а благодарност изразувам и до ЕУ-експертот кој даде се` од себе, Извештајот да биде конечен. Се направија нужни компромиси за да се постигне решение. Добро е што го потпишавме овој извештај. Тоа е најголема добивка за Македонија“, изјави Борче Давитковски, претседателот на комисијата за расветлување на скандалот од 24 декември минатата година, кога од парламентот полиција насилно ги исфрли опозиционите пратеници и новинарите.

Давитковски ја даде изјавата откако Извештајот го потпишаа тој, членовите од ВМРО-ДПМНЕ - Илија Димовски и Благородна Дулиќ, како и од СДСМ - Љубомир Фрчкоски и Рената Треневска-Десковска. Зад затворени врати, во Клубот на пратениците беше потпишан и Договор за спроведување на Извештајот, кој содржи 11 препораки за Собранието.

Како и неговиот лидер претходно, Димовски од ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека неговата партија и покрај нивните потписи не ги прифаќа правните квалификации од Извештајот: „Го потпишавме извештајот поради неговото значење за евроинтеграциите за Македонија. За нас тежината на правните квалификации е иста како и хартијата „Палома“, со која СДСМ може да продолжи со орото пред нивниот штаб. Да се работи со СДСМ е како да се работи со мало дете во продавница за играчки кое не знае што сака. За нас, извештајот на Европската комисија, што треба да го добиеме во октомври, е многу позначаен од извештајот на оваа Комисија. За мене останува вистината дека на 24-ти декември лани имаше организирано сценарио, обид за насилно преземање на Собранието, однатре и однадвор“.

Според професорката Тренеска - Дескоска, член на комисијата од СДСМ, потпишан е извештај во кој е прецизирано прекршувањето на Уставот. Иако не е конкретизирана вината и политичката одговорност, според професорката, во извештајот се јасно нотирани прекршувањата и многу лесно можело да се заклучи кој е одговорен.

„Имаме извештај во кој е нотирана вистината, извештај со кој новинарите и пратениците добија сатисфакција за она што им беше сторено на 24 декември лани. Од друга страна, ми е жал што Македонија доби ваков извештај. Земјата се најде во ситуација со владеењето на ВМРО-ДПМНЕ да има извештај, релевантен документ во кој што е нотирано дека на 24-ти декември новинарите и пратениците беа брутално исфрлени од Собранието и со тоа беше прекршен Уставот“, рече Дескоска.

Откако вчера заменик-претседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска го отфрли ултиматумот на Никола Груевски за предвремени парламентарни избори на 13-ти октомври, а членката на владејачката колаиција ДУИ излезе со став дека предвремените избори не се решение за предизвиците со кои се соочува Македонија и за проблемите на граѓаните, но и дека - доколку ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се договорат за таква опција - партијата е подготвена за избори, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен премиер Никола Груевски вчера ја изненади јавноста со најавата дека неговата партија, сепак, ќе го потпише Извештајот на комисијата, „во интерес на државата и по цена на сопствена штета“.

„Ако на СДСМ не им е важен интересот на Македонија, нам ни е важен. Ако не можат да се израдуваат на изборен резултат, нека се радуваат барем на овој извештај, на кого никој нема да му верува во делот на правните квалификации“, рече Груевски. „Нека ги напишат нивните правни квалификации на кои застанавме и ако тоа ги исполнува, не со надгласување, туку ние ќе им ги изгласаме заедно со нив. Ако ним не им е важен интересот на Македонија, нам ни е важен. Се разбира, за нас и за најголемиот дел од граѓаните во Македонија тие правни квалификации нема да се ниту валидни, ниту се согласуваме со нив“, рече вчера Груевски.

Иако неговите сопартијци потоа го потпишаа Извештајот, тој однапред и децидно се огради од него. „Препораките во извештајот за кои немавме разлики доколку и нив не ги изменат, ќе ги спроведеме доследно, онака како што ги договоривме. Препораките треба да се во функција да не се повтори овој настан, и тоа е она што Брисел најмногу го интересира. Правните квалификации, за кои пак најмногу е заинтересирано ова изгубено во просторот и времето раководство на СДСМ, ќе ги изгласаме и потпишеме по нивни терк, но нашиот став никогаш нема да го промениме. Тој дел од извештајот за нас и за мнозинството граѓани во Македонија ќе биде невалиден, потпишан под уцена, и тоа уцена од која штета би имала Република Македонија, и сите нејзини граѓани. ВМРО секогаш во преден план го имал интересот на Македонија. Така и ќе остане“, рече вчера Груевски.

По фијаското на Комисијата за расчистување на настаните од 24-ти декември, која до зададениот рок, во петокот до полноќ, и по неколкудневни преговори не успеа да усвои извештај за одговорноста за скандалот, Груевски понуди две алтернативи: СДСМ да подготви и со надгласување да изгласа Извештај со правните квлификацции за настанот кои и` одговараат на иопозицијата, или во понеделник да се распишат вонредни парламентарни избори, но претохдно „да потпишеме Извештај со правни квалификации по мерка на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе важи само ако ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе гласови на изборите и еден извештај со квалификации по мерка на СДСМ кој ќе стапи во важност доколку СДСМ освои повеќе гласови на изборите“.

Лидерот на опозицијата Зоран Заев реплицираше дека СДСМ вложил максимални напори да се подготви конечен извештај на Комисијата, неопходен за македонската јавност, но и за европските и евроатлантските интеграции на Македонија. Заев изјави дека ноќта биле блиску до договор, откако опозицијата понудила повеќе од 20 опции за констатирање на прекршување на Уставот во случајот со отстранувањето на новинарите и на пратениците.

„За жал, премиерот Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не успеаја да го направат последниот чекор. Не беа подготвени да констатираат противуставност при отстранувањето на новинарите од собраниската сала на критичниот ден“, рече Заев, според кого, извештај на Комисијата без заклучоци за уставни прекршувања е „формален извештај за маскирање на црниот понеделник“.

Заев потенцираше дека целата вина за неуспехот на Комисијата е кај владејачката ВМРО-ДПМНЕ, зашто, според него, СДСМ во целост ги исполнил обврските од мартовскиот договор и докажал дека секогаш државните интереси му се над партиските.

Тој најави дека СДСМ нема да учествува на избори ако не се пречисти избирачкиот список: „СДСМ повеќе нема да учествува на криминални избори. Ќе инсистираме на прифаќање на препораките на ОБСЕ и ОДИХР, како и измени на Изборниот законик и прочистување на Избирачкиот список. Ако власта не сака да разговара за ова, СДСМ ќе ги искористи сите демократски средства за да спречи такви избори“.
XS
SM
MD
LG