Линкови за пристапност

Секој судија ќе биде оценуван како изведувал докази и сослушувал сведоци, најави Заев


Нова владина програма за продолжување и забрзување на реформите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:23 0:00

Нова владина програма за продолжување и

Прв приоритет на „Акција 21“ е прочистување на судството

„Акција 21 – за европски стандарди дома” е новата владина програма за продолжување и забрзување на реформите. Содржи десет приоритети со чие исполнување земјата, како што образложи самиот премиер Зоран Заев, ќе се приближи до европските критериуми.

Чекорот следи по несупехот на ЕУ, поради блокадата од Бугарија, да ја усвои преговарачката рамка за земјава и со тоа да се отворат пристапните разговори.

Заев денеска уверуваше дека членството во ЕУ останува приоритет и покрај лошиот сигнал од Унијата. Прв приоритет на „Акција 21“ е прочистување на судството.

„Ќе се ревидираат цели досиеја. Секој судија ќе биде оценуван. Ќе има листа на критериуми кои ќе се прегледуваат за сите судии: Како воделе постапка, како изведувале докази, како се сослушувани сведоци и особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање. Сите тие работи ќе ги поминува Судскиот совет или Советот на јавните обвинители и сето тоа во утврдена временска рамка и транспарентност“, рече Заев.

Вториот приоритет е борба против корупцијата, преку, како што кажа Заев, воспоставување механизми за интензивна соработка меѓу сите надлежни чинители.

„Секој што ќе го прекрши законот, ќе мора да се соочи со одговорност. Мора да има ред еднаш засекогаш во институциите. Оваа Влада како ниту една во историјата на нашата земја спроведува максимална отвореност и целосна транспарентност“, додаде тој.

На листата следуваат заштита на животната средина, справување со пандемијата преку набавка на вакцини, спречување на ширењето лажни вести, енергетска одржливост, одгледување канабис за медицински цели, реализација на капитални инвестиции, спроведување попис, реформа во образованието...

За опозицијата, сето ова се само празни ветувања.

„По плановите 3-6-9, 18, сега имаме и план 21. Само планови, а никаква реализација. Зоран Заев денеска ги повтори истите ветувања, со кои дојде на власт во 2017 година. Сето она што го вети дека ќе го реализира во неговиот прв мандат, не е реализирано и го ветува и сега“, изјави Гордана Димитриеска Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ.

Ситуацијата што ја наметна Бугарија со нејзините барања не се одрази само на надворешно- политички план преку блокадата за усвојување на рамката.

Таквиот развој на настаните опозицијата го искористи за притисок врз Владата и барања за нејзина оставка, со образложение дека не исполнила каде најмногу ветувала – забрзана интеграција во ЕУ.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG