Линкови за пристапност

Крајно спротивставени реакции за демонстрациите во Македонија


„Вчерашните протести беа вандалски напад врз полицијата, а употреба на прекумерна сила врз демонстрантите немало“, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на денешната прес конференција, по повод вчерашните демонстрации пред Владата, кои беа растурени од специјалните полициски сили во полна опрема, со солзавец, водени топови и со околопни борни возила. Според ресорната министерка, повредени биле 38 полицајци, од кои шестмина со посериозни повреди.

Јануловска наведе дека се приведени 30 демонстранти, од кои двајца малолетници, кои биле ослободени по распитот во полициска станица, а МВР во својата официјална реакција на вчерашните настани соопшти дека „граѓаните на Република Македонија биле сведоци на брутални напади со бекатон плочи, со метални шипки и со камења“ врз полицијата, кои според сопштението, резултирале и „со демолирање на возила, палење на контејнери и уништување на јавниот имот со што е предизвикана и голема материјална штета“.

Според МВР, Единицата за насилен криминал, во соработка со Основното Јавно обвинителство во Скопје, извршиле службени разговори со приведените лица и од прегледаните видео записи, било утврдено учество и идентифицирани биле „12 лица кои учествувале во вандалските напади врз полицијата“.

Но, реакциите на демонстрантите утрово беа главно насочени против, како што велат, непотребната и непредизвикана, прекумерна употреба на сила од специјалните полициски сили.

Комитетот обвинува дека полицијата при истиснувањето на граѓаните од просторот пред Владата, употребила несразмерна и прекумерна сила, но го истакнува и агресивното однесување на дел од учесниците на протестот.

Комитетот ја повика полицијата целосно да го почитува правото на граѓаните на јавен собир и изразување на мислење, а граѓаните да го практикуваат своето право на мирен и ненасилен начин. Истовремено, Комитетот ги повикува сите граѓани кои беа приведени во инцидентите и врз кои беше применета прекумерна полициска сила да се обратат во кацеларијата на Комитетот, за евидентирање на сите случаи и обезбедување соодветна правна помош.

И шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Ралф Брет, ги повика „властите и политичките актери, како и граѓаните, да покажат зрелост, да се однесуваат одговорно и да се воздржат од насилство“. Тој изрази загриженост поради скопските судири на полицијата со демонстрантите и истакна дека „правотo на мирно собирање и протест е уставно загарантирано право на сите граѓани во земјата и дека ваквите протести не треба да бидат проследени со насилство“.

Амбасадорот на ОБСЕ потенцира дека „секој граѓанин треба да биде во можност да го искаже своето мислење и тоа треба да го направи на мирен и одговорен начин, а безбедносните сили треба да бидат во можност да ја вршат својата работа и да го одржуваат јавниот ред и безбедноста. Меѓутоа, полицијата треба да дејствува на професионален и на соодветен начин, со целосно почитување на индивидуалните права на учесниците на протестот“.

МВР пак, во своето соопштение потенцира дека затоа што организаторот не ги презел потребните мерки за безбедно одржување на собирот, согласно со член 82 од Правилникот за начинот на вршење на полициските работи, биле преземени мерки и активности за пронаоѓање и приведување на учесниците во нередите.

За поплладнево во 18 часот, според социјалните мрежи, се „закажани“ нови протести против опструкцијата на правдата од државниот врв, против полициската бруталност и за барање одговорност за прикривањето на убиството на Нешковски. Според братот на убиениот Мартин Нешковски, Александар Нешковски, протести на граѓаните против полициската бруталност во Скопје ќе продолжат секој ден во исто време додека не бидат исполнети нивните барања.

Протести за вечерва се закажан и во Прилеп и во Битола, од каде порачуваат: „По обелоденувањето на снимките на кои се потврдува скривањето на убиството на Мартин Нешковски од страна на власта, и протестот во Скопје, и Битола повторно се приклучува на протестите против полициската бруталност.“

Во Скопје, здружението Солидарност порача дека „Граѓаните на Македонија веќе не чувствуваат страв – тие чувстуваат гадење од нечовечната власт на ВМРО-ДПМНЕ, и незадржлив порив за конечно ослободување на Македонија...“

Наспроти попладневните демонстрации и закажаниот голем протест на опозицијата на 17 мај, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, упати апел до граѓаните своето незадоволство да го искажат на мирен и достоинствен начин.

„Имајте на ум дека 17-ти мај е денот на закажаниот сенароден протест, кога мирно и достоинствено, сите заедно ќе покажеме дека сме на страната на слободата, вистината, демократијата и правдата, дека сме на страната на Република Македонија. Не дозволувајте да бидете вовлечени во нешто што никој не го посакува. Истовремено апелирам до безбедносните структури на државата да бидат внимателни во извршувањето на своите задачи и да ја зачуваат безбедноста на сите оние кои во моментов протестираат“, апелираше Заев.

На односот на полицијата реагираше и Студентскиот пленум. „Пленумци и пленумки беа брутално тепани од полицијата додека беа на протест против полициска бруталност. Нема да ви ќутиме.“.

Студентскиот пленум на Фејсбук објави видеа на наводен упад и брутално напаѓање на студенти од страна на МВР во читалната „Браќа Миладиновци“. Студентите велат дека биле „брутално нападнати додека подготвувале испити“.

XS
SM
MD
LG