Линкови за пристапност

„Бомба“ за „план да се прикрие убиството на Нешковски“


„Заев продолжува со објавување на материјали кои немаат врска со реалноста“, беше реакцијата на Владата

Денеска во партиско седиште, лидерот на СДСМ, се одржа прес конференција на која беа презентирани снимки од прислушувани разговори, кои како што рече лидерот Зоран Заев, се однесуваат на убиството на Мартин Нешковски, што се случи на партиската прослава на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје.

„Денеска јавноста ќе дознае се`“ - вака лидерот на СДСМ Зоран Заев, на прес-конференција во партиското седиште ја најави новата тнр. „бомба“- снимки од нелегално прислушувани телефонски разговори на наводно највисоки претставници на власта, кои како што рече тој, откриваат „кој и зошто сакаше да ја убие вистината за згаснувањето на еден млад живот, животот на Мартин Нешковски“, 21- годишното момче, кое беше убиено од припадник на едниницата „Тигри“, на денот на прославата на изборната победа на ВМРО- ДПМНЕ на скопскиот плоштад пред 4 години.

„Смртта на младото момче, освен огромна тага и болка во неговото семејство, револт за полициската бруталност и заташкувањето на случајот отвори прашања коишто до денеска не се затворени“, рече Заев.

Четиринаесетте телефонски разговори, меѓу наводно, министерката з авнатрешни работи Гордана Јанкуловска, премиерот Никола Груевски, шефот на УБК Сашо Мијалков, шефот на Кабинетот на премиерот Мартин Протуѓер и на шефот на обезбедувањето на премиерот, според Заев се „признание дека убиството на Мартин Нешковски го извршил полицаецот Игор Спасов додека бил на должност, а не физичкото лице И.С“, како што тогаш се прикажуваше во јавноста, „дека за да избегне политичка и друга одговорност, власта на Никола Груевски смислила и спровела план, зад превезот на барањето за индивидуална кривична одговорност на сторителот, да се прикрие инволвираноста и одговорноста во МВР“.

Во дел од разговорите, се слушаат и навредливи зборови за новинарите, како „таленти“ и „идиоти“, кои во тоа време инсистирале на информации од МВР за убиството, при што, додека за целиот случај се зборува како за „пуштен муабет“ што „нема врска“, на, како што велат соговорниците, тој „победнички ден“.

Но, во друг сет телефонски разговори, наводно меѓу министерката Јанкулоска, шефот на обезбедувањето на премиерот и шефот на Кабинет на премиерот, според Заев, се открива целиот план – од почетниот обид да се скрие убиството, „за да видат што да прават“, до конечното решение – убиецот Игор Спасов, припадник на Единицата за специјални задачи, да биде осуден на 14 години затвор.

Она на што Заев побара да биде посветено посебно внимание, е последниот разговор што беше презентиран на прес- конференцијата, меѓу наводно премиерот Груевски и министерката Јанкулоска.

„Никола Груевски знаел дека структури од МВР и неговото обезбедување ја замајувале целата постапка, креирале информации и правеле неточни полициски записници за да не се дознае целосната вистината. Никола Груевски, ... се впуштил во заштита на неговите соработници за да си ја спаси сопствената кожа“, рече Заев.

,,Заев продолжува со објавување на материјали кои немаат врска со реалноста сакајќи да го свртат вниманието на јавноста преку злоупотреба на туѓа смрт и семејни судбини ... Од неговата прес конференција се потврдија неколку работи: не постоеше никаква формална пријава, немаше сознанија дека има убиство “ изјави Јанкуловска на денешната прес конференција во Владата, свикана веднаш по објавувавањето на прислушуваните разговори од опозициската СДСМ.

Таа додаде дека МВР ги презела сите активности за пронаоѓање на сторителот на убиството на Мартин Нешковски.

XS
SM
MD
LG