„Благодарение на актуелната власт, Македонија и официјално стана држава со најзагаден воздух во Европа. Оваа власт, на чело со СДСМ и нивните функционери, кога беа во опозиција, ветуваа дека ќе го решат проблемот со загадувањето низ низа мерки и проекти. Но, излажаа… Очигледно е дека СДСМ загадувањето го користеше само за политички поени…“, кажа меѓу другото координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на прес конференција.
Според него, опозиционите пратеници ќе побараат и одржување на јавна расправа во надлежната собраниска комисија околу енормното аерозагадување, а со учество и на граѓански здруженија, еколошки организации и експерти за спречување на понатамошно влошување на состојбата.
„СДСМ мора барем еднаш да понесе одговорност и барем еднаш да покаже дека искрено се грижи за граѓаните, бидејќи сега се власт и можат да реализираат сѐ што ветуваа за подобрување на воздухот, а не да се молат да дувне ветар или да заврне дожд за да го тргне смогот што граѓаните секојдневно го дишат“, порача Мицевски.
„Владата планира наредната година да потроши само 1,6 милиони евра буџетски пари (за борба против загадувањето н.з.), додека за луксузни автомобили и мебел ќе потроши неверојатни 7 милиони евра!“, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чии пратеници во Собранието поднесоа и информација за алармантното загадување на воздухот во Македонија.
Власта одговори со сооопштение во кое се вели дека „криминалците од ВМРО-ДПМНЕ расипнички трошеа на мерцедеси, а сега се купуваат амбулантни возила, се опремуваат училишта и сите институции се борат со загадувањето на воздухот... Лидерите во лажење, криминалците од раководството на ВМРО-ДПМНЕ расипнички ги трошеа парите на граѓаните за да купуваат мерцедеси од близу 600.000 евра за да ги задоволат желбите на криминалецот Никола Груевски. Трошеа и стотици милиони евра на барок, луксуз, споменици и криминални тендери, додека градеа неплански и системски го уништуваа зеленилото“.
И покрај тоа, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш апелираше, Владата да го слушне гласот на граѓаните, експертите и докторите, и веднаш да ги прифати итните мерки кои ги предлагаат против загадувањето, а кои, според партијата, може да „спасат илјадници животи“.
Владата предводена од СДСМ, најави и дека - за разлика од периодот на владење на ВМРО-ДПМНЕ „кога уништувањето на сѐ што е здраво и зелено беше приоритет“, борбата со аерозагадувањето станала нејзин стратешки приоритет: „Со усвоениот План за чист воздух, 10.000 домаќинства ќе бидат приклучени на парно греење, 20.000 домаќинства ќе ги променат старите нееколошки печки на дрва, 15.000 семејства имаат шанса да ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, 3.000 семејства ќе добијат приклучок за гас. Истовремено, ќе се засили и инспекцискиот надзор и контрола, а ќе се субвенционира набавката на еколошки автомобили. Чистиот воздух и здравата животна средина остануваат врвен приоритет за СДСМ.“
На минатонеделната седница, Владата ја промовираше борбата против аерозагадувањето како нејзин нов стратешки приоритет за кој се веќе обезбедени првични 98 милиони денари, со усвојување на предлогот за план и мерки за утврдување Програма за намалување на аерозагадувањето во Република Македонија.
Викендов, Градот Скопје веќе почна со 3Д-мапирањето на критичните точки за загадувањето на воздухот со беспилотно летало на депонијата „Вардариште“, со што надлежните служби ќе добијат прецизни податоци, според кои ќе можат да се елиминираат причините за енормното загадување.
Инаку, веднаш по презентацијата на Предлог-буџетот за 2019 година, реагираа активистите за заштита на човековата средина од О2 иницијативата, кои ја обвинија Владата за комплетен дебакл „во однос на справувањето со загадувањето и заштита на природата, за комплетно потфрлување и неспроведување на ветувањата во областа на животна средина, за невоспоставување на итните реформски приоритети и за скратување на над два милиони евра за заштита на животна средина, за нефункционирање на мониторинг станиците и за недоволен број инспектори...“
Тие директно ја обвинија власта: „Имате ли одговорност за она што сте го ветиле, совест за влијанието на загадувањето врз сите жители на оваа држава, срам дека парите, наместо да го решите загадувањето во најбрз можен рок, а со овие средства сигурно може со галопирачки чекори да се реши, вие ги користите за други цели. Тоа се вели - крадење од здравјето на граѓаните, на децата...“.
Здружението за социјални иновации и одржлив развој „Радар“, организацијата „Новинари за човекови права“, Првата детска амбасада „Меѓаши“ и „Зелениот институт“, ја покренаа петицијата „Нулта толеранција за аерозагадувањето и загрозување на животот“ и упатија апел до сите граѓани на Македонија да ја потпишат. Овие организации ја повикаа власта да ги исполни обврските во однос на почитувањето на основното право на живот, воведувајќи итни мерки за намалувањето на загадувањето кое директно влијае врз здравјето на луѓето и нивниот живот.
За намалување на загадувањето на воздухот во градовите, и зелената партија ДОМ предложи серија итни мерки: интензивни инспекциски контроли врз можните извори на штетни емисии, особено во индустријата, но и од дивите депонии и стрништата, набавка на опрема за снимање (телескопски камери) и поставување на високите објекти во градовите за лоцирање на изворите на штетните емисии, субвенции на домаќинствата за топлински пумпи, инвертер клима уреди и слични чисти технологии, замена на греењето со нафта во градинките, училиштата, здравствените и други јавни објекти со греење на гас, воведување добра градежна пракса во градежништвото, набавка на нови автобуси и воведување нови линии, намалување на цената на месечен автобуски билет во зимските месеци за 50% и воведување на „зелен” дневен автобуски билет, забрана на користење на јаглен, отпадно масло, пластика, гуми, отпадоци од боено, лакирано дрво или медијапан за згревање на домовите...
Како одговор на реакцииите во јавноста, Владата го изготви „Планот за чист воздух“, со кој, во следните две години се предвидува намалување на загадувањето на воздухот за 50% во Скопје и од 30 до 50% во останатите градови. А по повод нефункционирањето на мерните станици во загадените скопските населби Гази Баба и Лисиче, заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, на новинарите им изјави: „Дали мерната станица покажува 100 или 150 микрограми на кубен метар е важно, но најбитно е да го спречиме тој што предизвикал 150 микрограми. Планот се базира токму на тоа, како да го решиме загадувањето.“
Тој најави и набавка на нови инструменти за постоечките 18 мерни станици, замена на нееколошки извори на загревање во јавните институции - градинките, училиштата и здравствените установи, зајакнат мониторинг и инспекциски служби, како и „законски измени за справување со загадувањето од загревање на домовите, сообраќајот и воведување поригорозни мерки за добивање еколошки дозволи за работа на компаниите...“
Во двогодишниот план се предвидуваат и субвенции за промена на начинот на затоплување на домаќинствата и на возилата во патничкиот сообраќај со еколошки алтернативи, намалување на ДДВ за испорачаната топлинска енергија од 18 на 5 проценти, зазеленување и стимулирање зелени покриви... , како јасна демонстрација за постоење на политичката волја кај власта за решавање на горливиот проблем.
Facebook Forum