Се` уште e неизвеснa долгонајавуваната лидерска средба на која треба да се постигне очекуваниот политички договор за надминување на актуелната криза во Македонија.
Премиерот Никола Груевски соопшти дека нема услови за нејзино оддржување.
„Кога ќе се создадат услови за тоа, односно, кога ќе има потреба за тоа“, одговори македонскиот премиер на прашањето кога ќе има лидерска средба.
СДСМ, пак, издаде соопштение во кое наведува дека премиерот не е во позиција да ја диктира динамиката на одржувањето на лидерските средби и дека е само една од страните во преговарачкиот процес.
„Очигледна е намерата на Груевски да го одолговлекува процесот, со што им нанесува штета на граѓаните и на Република Македонија. Доколку до крајот на денов не биде утврден термин за лидерска средба, СДСМ утре ќе го соопшти ставот за понатамошниот тек на преговорите“, стои во партиското соопштение.
Водачите на политичките партии треба да постигнат договор со којшто ќе се утврдат моделитетите на преодната влада којашто ќе ги спроведе предвремените парлементарни избори во април наредната година, како и препораките на експертите на ЕК. Се очекуваше средбата да се одржи до крајот на неделава. Според медиумските наводи, каменот на сопнување е Груевски да се изјасни за предлогот на опозицијата да даде оставка пет месеци пред изборите, а таа да добие четири министерства. Но, Груевски вели: „Тука нема последен предлог или претпоследен предлог, нивни или наш. Има дискусија, разговори, комуникација и за да се постигне некаков договор, потребно е од двете страни да има согласност. Засега, таква согласност од двете страни се` уште нема“.
Роковите коишто македонските политичари ги прифатија со договорот од Пржино се веќе пробиени. Последната лидерска средба беше на 29-ти јуни. Тогаш првите луѓе на главните четири партии преку соопштение информираа дека разговарале за преодната влада.