Линкови за пристапност

Уште една лидерска средба само со договор за повторен состанок


Водачите на четирите најмоќни партии во Македонија допрва ќе се договараат за најспорните точки

„...Лидерите се договорија да се состанат повторно во деновите што следуваат. Премиерот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, го претстави Владиниот Нацрт-план за примена на препораките што се однесуваат на системски реформи во областа на владеење на правото што е потребно да се спроведат согласно точката 6 од договорот од 2-ри јуни“. Ова, според партиските соопштенија, е резимето на уште една средба на водачите на најмоќните политички партии во Македонија, којашто заврши без резултат.

Според анексот на договорот од 2-ри јуни, на денешната средба требаше да се продолжи дискусијата за организацијата на владата што ќе ги подготвува изборите, но тоа не се остварило на преговорите. Немало договор за најспорните точки. Имено, СДСМ бара преодна Влада, без Никола Груевски како премиер, и тоа – уште 6 месеци пред избори, а ВМРО-ДПМНЕ прифаќа само супервизори со право на вето на министерските одлуки во четирите најважни министерства поврзани со изборите, но без заминување на Груевски од функцијата.

Неколку пати одложуваната денешна средба сепак се одржа во Домот на пратеници, каде по помалку од деведесет минути, првите луѓе на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, во присуство на амбасадорите на САД и на ЕУ во Македонија, Џеф Бејли и Аиво Орав, според официјалните партиски ставови, се согласиле дека преговорите нема да бидат прекинати и дека допрва ќе се договараат. По средбата немаше официјални изјави на лидерите, а до моментот на испраќањето на овој извештај, излегоа само идентични партиски соопштенија во неколку реченици, според коишто четворицата лидери единствено се спогодиле повторно да се сретнат во следните денови.

Најавуваниот еврокомесар Јоханес Хан денес не се појави во Скопје, што во македонската јавност се објаснува со скепсата на официјален Брисел дека е можен договор на македонските политички водачи во догледно време, а се нјавува дека и самите Груевски, Заев, Ахмети и Тачи би отпатувале во Брисел само по постигнување на договор.

Пред Домот на пратениците, млади членови на движењето на етничките Албанци „Беса“ со транспаренти и свирежи им порачаа на водачите на двете албански партии Ахмети и Тачи дека водат антиалбанска политика, а во ентички-македонскиот блок, политичките противници Груевски и Заев продолжија со меѓусебните обвинувања. Опозицијата има цврст став дека Груевски и неговите соработници имале криминални активности и мора да ги напуштат фунцкиите, а Груевски и неговите најблиски соработници ја повторуваат во сите настапи тезата дека граѓаните мора да кажат кој ќе биде на власт, а кој во опозиција.

XS
SM
MD
LG