„Време е сами да се заштитиме од опасноста, во рамките на заедничка генерална акција под мотото ‘Сите против рудникот на смртта’“’, порачуваат организаторите на новиот протест против рудникот ‘Иловица-Штука’
Граѓанското здружение – иницијативата „Спас за Гевгелија“ веднаш реагираше на одлуката на Уставниот суд кој во средата ја поништи одлуката на Советот на Општина Гевгелија со која беше распишан и одржан референдумот за изјаснување на граѓаните за рудниците во нивниот регион.
„Канадската компанија поднесе барање да се укине одлуката на советот на Општина Гевгелија, а Уставниот суд во експресна постапка го прифати нивното барање и ја поништи одлуката. Од наша страна на Уставниот суд му беше доставено образложение на 18 страни, детално се цитирани сите членови на Уставот и на законите на Република Македонија, според кои, недвосмислено и изрично е наведено дека за оваа прашање одлучуваат граѓаните на локално ниво. Уставните судии го погазија и Уставот и законите и донесоа срамна одлука поради која ќе мораат сите да си дадат неотповикливи оставки. Девет уставни судии ја запечатија судбината на 500.000 граѓани од југоистокот“, беше објавено на Фејсбук страницата на „Спас за Гевгелија“.
Активистите се заканија дека ако нема оставки од уставните судии, ќе иницираат организирање на државен референдум за нивно отповикување.
„Ние им порачуваме на сите домашни и странски платеници, кои наумиле да отвораат рудници и да ја уништат нашата татковина, дека ние немаме друга татковина. Затоа ќе се бориме, ќе се бориме толку снажно, што не можат ни да замислат... Силата е во народот, рудници ќе нема!“, порачуваат гевгелиските активисти..
За утре, (сабота) 10 ноември 2018 година, во 11:30 часот, еколошкото здружение „Здрава котлина“ од Струмица, повика на блокада за да алармира за состојбата со рудникот Иловица-Штука. Двочасовната блокада на сообраќајот на кружниот тек на излезот од Струмица кон Бугарија и блокирањето на транзитниот пат, се со цел – незадоволните граѓани на надлежните државни институции да им покажат дека трпението е изминато и дека проблемот со „рудниците на смртта“ мора итно да се реши.
Во повикот до граѓаните за блокада, организаторите како аргумент наведуваат дека затоа што „и по 20 месеци континуиран отпор против рудникот ‘Иловица-Штука’ и интензивна аргументација која ги докажува погубните последици од истиот, надлежните државни институции и натаму не застануваат во наша одбрана и не го раскинуваат договорот со концесионерот ‘Еуромакс Рисорсис’, иако имаат полно законско право на тоа“.
Организаторите на утрешниот протест потенцираат дека немаат никаква политичка заднина и дека дејствуваат исклучиво натполитички и натпартиски, како и досега. „Воздухот, водата и почвата немаат партиска определба. Фаталните отрови и болестите предизвикани од нив, не бираат според партиска припадност. Единствени барање од оваа блокада ќе бидат: итно одземање на концесијата на компанијата ‘Еуромакс Рисорсис’ од Владата и итно изгласување на измените во Законот за металични и минерални суровини од Собранието!“.
Организаторите порачуваат и дека немаат намера да се селат од своите домови: „Нема да дозволиме нашите и животите на нашите поколенија да бидат загрозени од бескрупулозна компанија, чија единствена цел е профитот, по цена која сите ние крваво ќе ја платиме. Ќе блокираме и протестираме сѐ додека не се исполни нашата единствена цел!“.
Иако, Владата беше децидна дека се спротивставува на отворањето на рудници за метали кои користат опасни материи во процесот на експлоатација, како сулфурна киселина и цијаниди (беше донесена и одлука за затворање на рудникот за злато, сребро и бакар, во изградба – „Казандол“) полемиката во јавноста за ризиците и за евентуалните последици, од една, и за позитивните ефекти од работата на рудниците, од друга страна, и понатаму не стивнува.
Не се ретки експертите кои тврдат дека иако речиси секоја стопанска активност на свој начин влијае врз животната средина, рударството и металургијата се на врвот со негативните влијанија при индустриско загадување на животната средина, а за што пример се токму новите рудници за бакар, злато и сребро во југоисточна Македонија. Активистите потенцираат дека во рудниците и околу нив, поради начинот на работа, постои опасност од енормно загадување и на воздухот и на површинските и подземните води, која не ја исклучуваат и современите техники во процесот на производство
Противниците на функционирањето на рудниците во традиционално земјоделските региони на Југоисточна Македонија, и понатаму децидно тврдат дека загрозувањето на здравјето на луѓето и на животната средина е далеку поголемо од остварената економска добивка за државата.
И според една анализа објавена во неделникот „Капитал“, Македонија остварува многу малку приход од експлоатацијата на националните природни богатства.
„На површина од 105 квадратни километри, или два ипол пати поголема од Дојранското езеро, сите 12 концесионери (на рудници – н.з) експлоатирале метална руда во вредност од 180,8 милиони евра. Од нив, само 4,95 милиони евра или 2,74% уплатиле во државната каса како надоместок за концесијата, додека пак, дури 38% им останале како профит, односно 68,9 милиони евра. За компаниите богатство, за државата трошки! Овие 12 концесионери, пак, вработуваат вкупно 2.175 луѓе, што е далеку помалку од бројките со коишто рударските здруженија лицитираа во јавноста и достигнуваа и до 13.500 вработени. Додадената вредност што ја создаваат изнесува 108 милиони евра и тоа значи дека уделот на активните рудници за метални суровини во вкупниот бруто домашен производ (БДП) е само 1,3%“, беше објавено во „Капитал“
Од друга страна, според компанијата „Еуромакс Рисорсис“, концесионер за експлоатација на руда во „Иловица – Штука“, проектот за рудникот ќе придонесе во зголемување на бруто домашниот производ. Од компанијата порачуваат и дека „најголемата гринфилд инвестиција во Македонија, вредна 340 милиони евра, ќе придонесе за подобрување на животниот стандард на локалната заедница во околината на рудникот ‘Иловица-Штука’, како и на раст на националната економија“.
Но жителите на регионот се и понатаму исплашени дека по, според нив неизбежното, загадување на плодната почва, која за нив е вистинскиот „рудник за злато“, никој нема да им ги купува земјоделските производи. Тие не веруваат во тврдењата на „Еуромакс Рисорсис“, објавени во македонските медиуми, дека е предвидена максимална заштита на животната средина, заштита на здравјето на луѓето и услови за поголем и побрз развој на земјоделството во Струмичкиот регион, ниту дека се изработени студија за оцена на влијанието врз животната средина, согласно македонското законодавство, и интернационална Студија за оцена на влијанието врз животната средина и социјални аспекти согласно барањата на инвеститорите, и дека според двете студии, ризиците се незначителни.
Facebook Forum