Линкови за пристапност

Напнато на македонско-грчката граница


Напнатост на македонско-грчката граница
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:46 0:00

Напнатост на македонско-грчката граница

Илјадници мигранти и понатаму сакаат да влезат во Македонија за да го продолжат патот кон земјите на ЕУ

Неколку илјади мигранти, главно бегалци од воените дејствија во Сирија, коишто од вчера ја блокираат и меѓународната железничка линија Солун-Скопје, се` уште протестираат и барат влез во Македонија и транзит преку Србија кон државите на ЕУ.

Откако вчера ескалираше ситуацијата, специјалните единици на македонската полиција во опрема за разбивање немири, поставија и бодликава жица за блокирање на бегалците.

Македонија вчера прогласи кризна состојба на јужната и на северната граница како одговор на зголемениот наплив на бегалци коишто со бродови од грчките острови беа транспортирани до Солун. Веќе втор ден, според нашите извори од теренот, ситуацијата на меѓуграничниот простор е напната.

Полициските сили денес употребиле и солзавец во обид да ги спречат бегалците да го пробијат нивниот кордон. На одделни видео-снимки се гледа дека меѓу бегалците има повредени, а дел од медиумите објавија дека наводно, еден припадник на специјалните полициски сили, којшто ја обезбедувал Железничката станица во Гевгелија, синоќа бил прободен со нож од засега неидентификуван мигрант, но за ова засега нема официјална потврда.

Дел од хуманитарците коишто со месеци им помагаат на бегалците вчера реагираа дека можело да се избегне прогласувањето на кризна состојба за да не ескалира ситуацијата, како и дека затворањето на јужната граница, во период на засилен притисок на бегалскиот бран може да ја врати состојбата во периодот пред 19-ти јуни, кога не постоеја законски рамки за престој и трансфер на бегалците, па тие се снаоѓаа како знаеја и умееја, неретко и со услуги на криминални групи коишто скапо ги наплаќаа своите услуги.

По прогласувањето на кризната состојба, и припадниците на Армијата на Република Македонија се во состојба на приправност, и отворена е можноста уште денес војниците да ги засилат специјалните полициски единици, во случај на нов голем бран на бегалци. Според изјавата во медиумите на портпаролот на Генералштабот на АРМ, Мирче Ѓорговски, „луѓе и техника веќе се испратени, во моментов се воспоставуваат врски и се прави координација со полицијата и во текот на денот ќе бидат поставени на позициите“.

Според последните информации, од железничката станица во Гевгелија заминале два воза кон границата со Србија, но со нив се транспортираат бегалци коишто дошле пред прогласувањето на кризна состојба.

XS
SM
MD
LG