Македонската Влада прогласи кризна состојба на северната и на јужната граница поради зголемениот бран бегалци. Тоа значи дека припадниците на Министерството за внатрешни работи и на АРМ ќе патролираат долж двете граници каде притисокот е најголем, во обид да го блокираат влезот на мигрантите на земјава.
Според портпаролот на МВР Иво Котевски, целта на оваа владина одлука, донесена на вчерашната седница, е „да се засили контролата на самата граница и на пограничниот појас“.
„Одлуката на Владата е со цел да спречи какви било посериозни проблеми и закани по локалното население, односно по жителите кои што живеат во гевгелискиот регион и да спречи какви било дополнителни проблеми, но и да обезбеди посоодветен третман на оние лица, илегални мигранти кои влегле во Македонија и изразиле намера за азил“, рече тој на прес- конференцијата, додавајќи дека причина за одлуката е „зголемениот притисок од мигрантите на јужната граница, при што МВР за 24 часа издаде 1.327 потврди“.
И според премиерот Никола Груевски, како што ги нарече „привремените регулациски мерки кон мигрантите“, се во насока на обезбедување поефикасен транзит низ државата.
„Имавме една дискусија по прашањето за мигрантите кое е прашање за Европа, не само за Република Македонија. Македонија е транзитен коридор и исклучително важно е како ние ќе се справиме со овој предизвик. Кога го донесовме законот со којшто на мигрантите им дадовме одредени можности, тогаш имаше дневно 500 до 600 мигранти, а по оваа бројка порасна на 800-900, па на илјада, па на 2.000 просечно дневно и сега веќее над 2.500, а се очекува во наредниот период да расте и на три, на четири илјади итн“, изјави Груевски, додавајќи дека „нивното поминување и транзитирање низ Македонија создава проблеми за самите нив, безбедносни и други проблеми од хуман карактер“.
„Оценивме дека е потребно Владата да преземе одредени привремени регулациони инструменти со кои прво ќе им излезе во пресрет на мигрантите за тие да имаат хуман транспорт низ Република Македонија, што значи мора да биде повеќе контролиран нивниот влез и бројот на луѓе кои влегуваат за да може да им се пружи потребната помош кога ќе влезат во Република Македонија. Во таков голем број државата нема капацитет да им пружи помош“, рече Груевски.
Оваа владина одлука ќе ја спроведува Главен штаб сочинет од претставници на армијата и на полиција. Според портпаролот Котевски, трошоците допрва ќе се утврдуваат, проценките на МВР се дека трошоците во изминатите месеци изнесуваат околу 800 илјади евра месечно, само за ангажманот на полицијата за обезбедување на јужната граница.
Одлуката на македонската Влада да ги затвори границите за мигрантите, предизвика проблем на другата страна на границата, во Грција. Грчката патролна полиција денеска ги известила македонските колеги дека неколку илјади бегалци ја блокирале меѓународната пруга Солун-Скопје, а на грчка територија се заглавени два товарни и еден патнички воз.
МВР денеска соопшти дека во овие два месеци, откако стапија на сила измените во Законот за азил, издадени се потврди на вкупно 41.414 странски државјани. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија - 33.461, потоа Авганистан - 2.073, Ирак - 1.947, Пакистан - 1.198, Сомалија - 561, Палестина - 560, Конго - 301, Бангладеш - 230, Нигерија - 142, Камерун - 140, Еритреја - 140, Етиопија - 109, додека останатите се во помал број. Од започнувањето на издавањето на потврдите до денеска, до Одделението за азил се поднесени 47 барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда, при што 34 барања се од државјани на Сирија, од нив 10 за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан и Авганистан од нив четири се деца кои го придружуваат родителот, по две барања од државјани од Мароко, Алжир и Ирак и едно барање од државјанин на Египет.