Линкови за пристапност

Хомосексуалноста – камен на сопнување во новата Влада?


„Ние како партија не го делиме тоа мислење со Зекири и ги гледаме сите аргументи пред да донесеме партиски одлуки, тоа е негово лично мислење“, изјави за медиумите, генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски по повод Фејсбук статусот на потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири.

Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, ,ЛГБТИ – Центарот за поддршка, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија и НВО „ЛГБТ Јунајтед“ од Тетово, ги осудија, според нив, „хомофобичните изјави, кои преку дискриминаторски говор и говор на омраза ја деградираат ЛГБТИ заедницата“. Организациите бараат санкционирање на ваквиот говор и оградување од политичките партии на настапот на нивните членови.

Откако контроверзното прашање во јавноста во Македонија, повторно го покрена пратеникот на ДУИ, членка на владејачката коалиција на СДСМ, Бранко Манојловски, кој се претставува како етнички Албанец со православно-христијанска вероисповед, и кој во Собранието порача дека е време во Македонија да престане дискриминацијата врз хомосексуалците и да се легализираат геј браковите, уследи ставот на поранешниот новинар, актуелен пратеник на СДСМ, Зекири, кој по предизборното зачленување во партијата, имаше забрзана кариера до актуелната функција - потпретседател на партијата.

Тој за „Фокус“ изјавил дека е: „апсолутно против хомосексуалноста, како и против геј браковите, тоа не го кријам и е мој личен став, секој има право на свои ставови“. Зекири е дециден дека „како личност имам право да имам ставови за одредени прашања, кои не секогаш се исти со партијата“, и потенцирал дека е свесен за можните реперкусии од неговите, јавно искажани ставови за ЛГБТ заедницата, како една од маргинализираните заедници во Македонија, но и дека не верува дека ќе има некакви последици поради нив.

Според пратеникот на ДУИ, Бранко Манојловски кој потенцираше дека е хетеросексуалец, со сопруга, два сина, ќерки и седум внучиња, и многу пријателки, „хомосексуалците во Македонија мора да ги уживаат истите права и обврски што ги имаат другите луѓе со поинакви сексуална ориентација“. Тој беше дециден дека се работи за личен став, како и дека „зад ова мислење не стојат ниту ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ или друга политичка партија, и им се извинувам на сите кои се чувствуваат повредени од мојата изјава. Иако е рано во Македонија да се зборува за ова прашање, тој процес доаѓа. Кога-тогаш, дали по една или две генерации, овој процес ќе дојде и во Македонија и ние не можеме да го сопреме“, изјави Манојловски.

Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, ,ЛГБТИ – Центарот за поддршка, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија и НВО „ЛГБТ Јунајтед“ од Тетово, испратија соопштение во кое ги осудија „хомофобичните изјави на некои од актуелните пратеници кои преку дискриминаторски говор и говор на омраза ја деградираат ЛГБТИ заедницата, спротивно на реформската насока на политичко делување за која се залага новата Влада. Сметаме дека реториката за традиционално и конзервативно општество која беше присутна во изминатите години, имаше за цел да ги маргинализира и дополнително стигматизира ЛГБТИ-луѓето во Македонија. Очекуваме ваквиот говор да се санкционира и политичките партии да се оградат од јавните настапи на своите членови, кои се во судир со уставниот принцип на еднаквост на сите граѓани… Потсетуваме на ветувањето на новата Влада дека ќе гради општество за сите, во кое ќе се санкционира дискриминацијата и говорот на омраза... Поттикнати од пратеничките расправи за правата и слободите на ЛГБТИ луѓето, потсетуваме на насилството на кое беше изложена ЛГБТИ заедницата изминатата деценија, но и на културата на неказнивост која произведе селективни стандарди за правда и еднаквост во македонското општество“.

Според генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, „Фејсбук профилот е приватна сопственост и секој има право да пишува она што ќе реши дека сака. Официјалните партиски ставови се градат во органите и телата на партијата и кај највисокото раководство, на конгрес, во Извршниот одбор, во Централниот одбор. Ова не е партиски став, туку личен и тој (Мухамед Зекири – н.з.) има право на тоа“.

Но и дел од аналитичарите, денеска во медиумите реагираа дека „ставовите на Зекири го вадат на површина лицемерието на политиката кога се работи за идеолошките вредности“ и поставија прашање: „Зошто се прави промоција на конзервативни и религиски вредности во социјалдемократска партија која би требало да имаат прогресивни политики за човековите права и слободи?“

Според Мариглен Демири од партијата Левица, „постојат и прогресивни и конзервативни Албанци. Зекири им се обраќа на овие вториве (конзервативните). Партија којашто им се обраќа на конзервативните, а со тоа нема некаков еманципирачки мотив, не може да се нарече пред сè, социјалдемократска. Треба да ни стане јасно дека во Македонија, политичките партии го претставуваат оној активен политички чинител, додека граѓаните се оној - пасивниот... Нема да ме чуди доколку приврзаници на СДСМ станат традиционално конзервативни гласачи“, изјавил Демири за медиумите.

Според до скоро владејачката ВМРО-ДПМНЕ, „бракот е заедница исклучиво меѓу еден маж и една жена. Така било, така е и така треба да остане. На Македонија не и требаат експерименти со истополови бракови или посвојување на децата без родители од двојки од исти пол“.

Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција ја обвини новата Влада, предводена од СДС и ДУИ, дека без никаква дебата и без никакви аргументи, „кукавички и го подметна предлогот за легализација на хомосексуалните бракови, кој може да биде вовед во идно овозможување на посвојување на деца без родители од хомосексуални двојки“. Според Ласовска, традиционалниот брак како заедница на еден маж и една жена во Македонија го поддржуваат „и Македонци и Албанци и Срби и Турци и Власи и Роми и Бошњаци и христијани и муслимани и сите останати верски и етнички заедници“.

И Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и Африм Гаши од Беса сметаат дека бракот мора да остане заедница меѓу еден маж и една жена, и дека хомосексуалноста е девијантна појава. Според Милошоски, „ако некои држави одлучиле девијантни појави да бидат легализирани во еднополови бракови и ако тоа не одговара со семејната и традиционална определба во општеството во Македонија, не мора сите лоши работи да ги увезуваме“, а според Гаши, во конзеравтивното општество во Македонија, семејството е точно утврдено - се состои од маж и жена и треба да има деца. „Ние треба да ги прокламираме овие вредности“, потенцираше Гаши во медиумите.

Ивана Туфегџиќ, која како активист на Студентскиот пленум и на Шарената револуција се најде на листата на СДСМ и стана пратеник, за ставот на потпретседателот на оваа партија, излезе со свој став:

„Јас како пратеник, ќе се борам и ќе застапувам државата да обезбеди механизми и ќе ја гарантира заштитата на ЛГБТИ правата, не затоа што се посебни, туку затоа што тоа се човекови права кои државата мора да ги гарантира и штити. Сметам дека државата не смее да биде творец на маргинализирани заедници, по било кој основ. Дополнително, како пратеник, мојот личен став е позитивен по сите останати прашања, кои за волја на вистината не биле и не се побарани од ЛГБТИ заедницата, и немам намера да отстапувам од тоа. Од друга страна, го поддржувам правото на колегите од мојата парламентарна група, да не размислуваат како мене, сè додека истото не поттикнува насилство, омраза или дискриминација по основ на сексуална ориентација“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG