Линкови за пристапност

Грујевски и Бошковски уапсени со фалсификувани пасоши


Според процедурите, откако ќе им биде потврден идентитетот, грчкото МНР ќе даде известување дека може да почне постапката за екстрадиција

Министерството за внатрешни работи добило потврда од колеги во Грчкото министерство, дека поранешниот началник на Петтата управа во УБК Горан Грујевски, и неговиот заменик Никола Бошковски, вчера биле уапсени на аеродромот во Солун.

Засега не е потврдено дали тие користеле бугарски пасоши, со каков идентитет биле, но, и каде сакале да заминат од Солун.
Двајцата се обвинети дека учествувале во масовното нелегално прилушување, и во уништување на опремата за прислушување.

Двајцата полициски службеници, кои 84 дена беа во бегство, и по кои беше распишана меѓународна потерница преку Интерпол, се изнесени пред истражен судија.

Според процедурите, откако ќе им биде потврден идентитетот, грчкото МНР ќе даде известување дека може да почне постапката за екстрадиција, која може да трае и неколку месеци.

Првичните информации се дека Грујевски и Бошковски користеле фалсификувани бугарски патни исправи, поради што биле известени и бугарските органи, кои треба да извршат дополнителна проверка на идентитетите внесени во пасошите.

МВР потврди дека две лица кои одговараат на описот во меѓународната потерница од Интерпол, се задржани на аердромот во Солун, и најавија повеќе детали во текот на денот.

Според неофицијалните информации, тие биле фатени бидејќи, пасошите кои ги користеле биле со лош квалитет, што, според многумина, е малку веројатно, ако се земе предвид дека станува збор за началници, со долгогодишно работно искуство и контакти.

Од друга страна пак, македонската и грчката полиција минатата недела имале зачестена комуникација, и можно е токму вчерашното апсење да се должи токму на тоа.

Грујевски и Бошковски се обвинети во случајот „Тврдина“ и „Таргет“. Истрагата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) покажа и докажа дека тие биле дел од масовното нелегално прислушување на граѓаните, кои со години го вршела Петтата управа на УБК, со која тие раководеле

Исто така, тие учествувале и во уништување на опремата, за да се сокријат трагите од нелегалното прислушување.

Истражен судија од Скопскиот кривичен суд им определи 30 дена притвор, но, тие остнаа на слобода и поднесоа жалба до Врховен суд.

Досега ниту едно лице на кое му бил определен притвор не добил можност да ја чека одлуката на Врховен суд на слобода.

На 18-ти јули, Врховниот суд ја одби жалбата, а наредбата за нивно приведување беше добиена на 26-ти јули, кога тие веќе беа во бегство.

Кога и како ја напуштиле Македонија, дали имале помош за бегството допрва ќе се открива.

Фалсификуваните пасоши и крадењето идентитети не е новина за началникот на Петтата управа на УБК.

Интерната истрага на МВР покажа дека Грујевски си направил македонски пасош со лажен идентитет, под името Владимир Варелов, полициски службеник кој работи во Единицата за брзо распоредување (ЕБР).

Тој ги внел оригиналните податоци на полицаецот од ЕБР, вклучувајќи го и матичниот број и датумот на раѓање. На името Варелов, се води и еден од становите на Грујевски во Скопје.

Грујевски важеше за еден од најблиските луѓе на Сашо Мијалков, тогашниот директор на УБК.

Интересно е што тој докторирал токму на тема поврзана со Зконот за следење на комуникациите, и за разликите меѓу легалното и нелегалното прислушување, кое го вршат полициските служби.

Нивното апсење предизвика огромно внимание во домашната јавност, бидејќи тие се клучот во двата судски процеси, и постои можност да откријат кој и кога им наредил да почнат со нелегалното прислушување на илјадници граѓани на Македонија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG