„Сакам да испратам еден проглас до мојата партија, а во врска со политичкиот прогон против мене и политички мотивираната и диригираната пресуда против мене, објавена деновиве. Доколку од вас, било кој и на било кој начин, бара да направите и најмала остапка која би била на штета на државните и националните интереси, ставајќи го тоа во корелација со запирање или ублажување на политичкиот прогон против мене, како долгогодишен водач на ВМРО-ДПМНЕ и како нејзин почесен претседател и актуелен пратеник, ве молам без размислување, без ни малку колебање, одлучно да го отфрлите таквиот непристоен предлог“, напиша ноќта меѓу саботата и неделата, експремиерот Никола Груевски.
Според него, ако ВМРО-ДПМНЕ е уценето, уценета е и Македонија, и тој им порачува на сопартијците дека ќе се бори колку што може против политичкиот прогон, по цена и на неговото достоинство, слобода или живот.
Ваквиот настап на Груевски викендов, и не е изненадување, кога се знае дека против него се водат уште четири процеси со посериозни обвиненија отколку за веќе пресудениот случај, меѓу кои и за поттикнување на насилство, злосторничко здружување и за изборни нерегуларности, како и предистражни дејности на СЈО за нелегално финансирање на партијата.
Но, иако владеачката СДСМ се изјасни дека не е во игра амнестија за поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, обвинети во предметите на Специјалното јавно обвинителство (челникот на тајната служба Сашо Мијалков, ексминистрите Миле Јанакиески, Владимир Пешевски, Елизабета Канчевска-Милевска, Гордана Јанкуловска и бројни функционери од вториот и третиот ешалон) и иако Апелацискиот суд во Скопје веќе ја одби жалбата на Груевски за предметот „Тенк“ за набавка на луксузниот мерцедес од 600.000 евра и во целост ја потврди првостепената пресуда од 23 мај за затворска казна од две години, неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, наместо во јавноста очекуваното изјаснување дали е за НАТО и ЕУ, продолжува да испорачува нови барања.
Актуелниот партиски лидер Христијан Мицковски, веднаш по пораката на својот претходник, уште еднаш се обиде да ја убеди јавноста дека амнестијата не е цел на партијата и дека ВМРО-ДПМНЕ не ја попречува работата на СЈО, и на прес-конференција побара избор на нов Јавен обвинител на предлог на опозицијата, формирање на собраниска комисија за наводни нерегуларности на референдумот и на техничка влада, како „пржинската“, пред изборите во 2016-та.
Мицковски побара и премиерот Зоран Заев најпрвин да се откаже од Спогодбата со Грција, а потоа да се оди на избори.
И тој, како и Груевски, се сомнева дека до дел од неговите сопратијци во пратеничката група се упатуваат „непристојни предлози“ за гласање за уставните измени во Парламентот, според Договорот со Грција.
„Самиот факт што во јавноста постои сомнеж дека некој во Владата тргува со правдата и правото во оваа држава, говори дека во оваа држава нема ниту правда, ниту право“, рече Мицкоски.
За ваквиот развој на настаните во ВМРО-ДПМНЕ, Гласот на Америка на македонски јазик побара коментар од еден од основачите на партијата д-р Јове Кекеновски, кој ни потенцираше дека партијата мора да „излезе од шинелот на Груевски“.
„Во моментов, за ВМРО ДПМНЕ важи народната ’угоре високо, надолу длабоко’. Поради политичките ставови на дневна основа, поради стравот да се расчисти со криминалците во сопствените редови и поради немање единствен став по однос на одржаниот референдум, сегашното некадарно раководство на ДПМНЕ го доподели членството. Со својот глас на референдумот, граѓаните, членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ ги освестија и им удрија шлаканица на лабилните и неконзистенстни партиски раководни кадри, и тоа најнапред на оној кој ‘бојкотирачите’ ги спореди со фекалиии, а потоа, се обиде да се кити со туѓите заслуги. Во пресрет на сѐ поизвесните избори, мора да следи итно конкретизирање на одговорноста во ВМРО-ДПМНЕ, период на брза кадровска промена и на демократска трансформација. Партијата не може да биде победник на изборите со старите поданички кадри и преку неконзистентни и набрзина донесени одлуки и ставови кои траат два-три дена. Потребна е реална и коренита промена. Нов тимски приод на работа и раководење. Потребна е јасна визија за тоа каде оди Македонија и каква улога треба да има ВМРО-ДПМНЕ во иднина. Потребно е конечно да се излезе од под ‘шинелот’ на поранешниот претседател на партијата. Доколку ова не се случи, постои опасност од поделба на пратеничката група и понатамошна маргинална улога на партијата“, дециден е професорот Кекекновски, кој е член на Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ.
И доскорешниот заменик-генерален секретар на ВМРО–ДПМНЕ Петар Богојески, „поздравувајќи“ ја одлуката на Извршниот комитет на партијата за неговото разрешување од функцијата, им порача на сопартијците дека се „едноставно непомирливи нашите два концепта, едниот за демократизација, модернизација и европеизација, а другиот за клиентелизација, криминализација и авторитарен кариеризам во ВМРО-ДПМНЕ. Невозможно е двата да функционираат заедно, а притоа да се унапреди работењето на партијата врз принципиелни основи“.
Според Богојески, „ВМРО ДПМНЕ во овој момент е целосно на погрешна страна од историјата, тргна во целосно погрешен правец и не е можно заедно на истиот воз, во истиот правец. Се надевам за кратко ќе биде тоа констатирано и ќе биде земен друг тек. Ќе повторам, го поразивме Груевски, но не и груевизмот во нас“.
Но, додека странските дипломати ги повикуваат пратениците, пред сѐ од одпозицијата, да не ја изолираат Македонија и постреферендумскиот процес за Договорот со Грција да продолжи со гласање во парламентот, според дел од медиумите, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои наводно преговараат со власта за евентуална поддршка, веќе биле цел на закани и по животот, доколку ги поддржат амандманите.
Медиумите лицитираат и со бројот на пратениците од опозицијата кои треба да го обезбедат двотретинско мнозинство за уставните измени, но и за противмерките на раководството на партијата со барањето - сите нивни пратеници да потпишат платформа со која ќе се обврзат дека нема да поддржат промена на името и нема да гласаат амандмани за промена на Уставот, како и за најавеното сценарио за напуштање на седницата на целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, пред тајното изјаснување, со што би биле спречени оние кои се договориле со власта, тајно да ги подржат уставните измени.
ИК на ВМРО-ДПМНЕ го прогласи Договорот од Преспа за мртов, а премиерот Заев најави дека до среда, 10 октомври, ќе и бидат соопштени на македонската јавност следните чекори. Иако изрази надеж дека ќе се обезбеди потребното двотретинско мнозинство, и Македонија нема непотребно да загуби неколку месеци, Заев потенцираше дека сепак, е отворена можноста сѐ да се решава преку вонредни парламентарни избори.
Facebook Forum