Линкови за пристапност

ФРОДЕМ бара конфедерација на Македонија и Турција


„Фронтот за демократска Македонија излегува со предлог што можеби ќе ја разбранува политичката сцена во Македонија, дециден е д-р Јове Кекеновски од ФРОДЕМ

„Грчките барања се неумесни, тенденциозни и злонамерни! Не може некого да прекрстувате во 21-ви век, да барате да го менува идентитетот! Да му наложувате каков Устав ќе има... Македонија ги исполни сите грчки барања во поглед на Уставот и неприфатливи се нови отстапки од македонската страна“, вели во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, во свое име и во име на ФРОДЕМ, професорот д-р Јове Кекеновски. Според него, ни Нацрт-спогодбата за името најавена од грчка страна, нема да придонесе за изнаоѓање на компромисно и достоинствено решение за граѓаните на Македонија.

Иако според последните анкети, мнозинството граѓани на Македонија ги поддржува напорите на Владата за подобрување на односите со Грција, а и од Скопје и од Атина, доаѓаат официјални изјави во кои провејува оптимизам во поглед на брзо решавање на 25-годишниот спор околу употребата на уставното име на Македонија, како и охрабрувачки медиумски најави дека грчкиот парламент до крајот на месецов ќе ја ратификува втората фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација на Македонија со ЕУ, како дел од договореното меѓу премиерите Заев и Ципрас во Давос, на македонската политичка сцена не се ретки ни иницијативи за драстична промена на надворешната политика.

Така, ФРОДЕМ во соопштение предложи да се почнат преговори за конфедерација меѓу Република Македонија и Република Турција, затоа што „ниту раководството на ВМРО-ДПМНЕ, ниту актуелната власт, немаат чувство, но и не сакаат да го решат проблемот со името преку Генералното собрание на ОН, за на тој начин, да го задржиме името и национално достоинство“

„Нашиот јужен сосед долги години си поигрува со нашето трпение, достоинство, толеранција и спротивно на сите цивилизациски норми, настојува по секоја цена да го промениме нашето име, идентитет, јазик и Устав. Сакаме, по којзнае кој пат, да ги потсетиме нашите јужни соседи како и целокупната светска јавност дека изборот на државното уставно име на секоја држава е под строга внатрешна јурисдикција“, се вели во соопштението на ФРОДЕМ.

Во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, професорот д-р Кекеновски, потенцира дека „Република Турција како осведочен пријател на Република Македонија, максимално коректно го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и идентитет, името, знамето, Уставот и јазикот на Македонија“ и им порачува на политичките лидери во Македонија дека во најкус рок треба да постигнат консензус „за почеток на преговори за конфедерација на Република Македонија со Република Турција, по кој, граѓаните би се изјасниле на референдум, а во зависност од неговиот резултат, би се потпишал билатерален меѓудржавен договор“.

Покрај актуелното соопштение на ФРОДЕМ, и партијата Единствена Македонија минатиот месец излезе со барања за радикален пресврт во македонската политика „со повлекување на актите за прием на Македонија во НАТО и ЕУ и за членство на Македонија во Евроазиската економска унија и за стратешко партнерство со Русија“. Според потпретседателот на партијата Стефан Влахов – Мицов, стратешкото партнерство со Русија е неопходно затоа што: „прво, со рускиот народ, како словенски, имаме близок менталитет, јазик, култура, традиционални вредности; второ, само во сојуз со Русија можеме да ги заштитиме националните интереси на македонскиот народ како што се македонско име, идентитет, унитарноста и државната територија; трето, со влегувањето во Евроазискиот сојуз ќе се подигне животниот стандард на македонскиот народ, ќе биде искоренета невработеноста, ќе добиваме енергенси и други природни богатства со 50 отсто пониски цени“.

Деновиве, над 200 македонски интелектуалци, од кои еден дел беа поддржувачи на политиката на ВМРО-ДПМНЕ додека беше на власт, потпишаа отворено писмо, со кое од политичките лидери, пред сè од партиите на власт барат да се прекинат преговорите за името и да признаат дека немаат елементарна стратегија, аргументирајќи го барањето - дека ургентното решавање на спорот директно предизвикува несигурност, страв и можен внатрешен конфликт.

Потписниците, меѓу другото бараат, да се престане со пропагандата за постоење национален консензус и дека „преговорите се водат ‘само’ за промена на името на државата, зашто, и на обичниот човек му е јасно дека станува збор за македонскиот идентитет, нашиот овде и оној на Македонците што се малцинство не само во Република Грција, туку и во другите соседни земји“. Интелектуалците бараат прекин на преговорите со посредство на Метју Нимиц и обраќање до Генералното собрание на ОН, „како единствена меѓународна инстанција во која Република Македонија не е Давид наспроти моќниот Голијат, туку е рамноправна членка со сите држави кои ја признаваат под уставното име“, како и сплотување на нацијата и создавање „вистински национален консензус околу внатрешните приоритети и демократски вредности, наместо да ѝ давате приоритет на надворешната политика што ја водите по диктат, вршејќи притисок и делејќи ги своите граѓани, а во полза на туѓи геополитички интереси“.

Професорот Кекеновски има поинаков став и од Единствена Македонија и од интелектуалците потписници на отвореното писмо.

„Прво, сега не е време за прекин на преговорите со Грција, затоа што, во таков случај, Македонија ќе биде прогласена за неконструктивна страна и ќе има и консеквенци. Од друга страна, барањето за стратешко партнерство со Русија, од еден дел од населението во Македонија ќе биде сфатено како некаква православна конфедерација. Затоа, се залагаме за почнување на преговори за конфедерација со Република Турција, во кои јасно ќе се истакнат нашите цели и интереси. Конфедерацијата е сојуз на суверени држави и договорот би се однесувал на клучните прашања за опстанокот на Македонија: заедничка надворешна и безбедносна политика, гаранција за територијалниот интегритет, суверенитет и неделивоста на Македонија, подигнување и подобрување на економската состојба во Македонија и гаранција за посебноста на македонската нација и на сите останати етнички заедници во Република Македонија“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG