Линкови за пристапност

Заев: СДСМ не ги признава изборите и бара нови со техничка влада


За ВМРО-ДПМНЕ „ова беа најмирните избори во историјата на Македонија“.

„Власта уште еднаш најдрско го узурпираше демократското право на граѓаните, со целосна системска контрола на гласачите во изборниот процес. Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ го злоупотребија целиот државен систем во партиски интерес, со незапамтени притисоци врз јавната администрација“, изјави денес опозицискиот водач Зоран Заев, веднаш по затворањето на гласачките места, кога пребројувањето на гласовите не беше започнато,

Претседателот на СДСМ на прес-конференција рече дека тој и неговата партија биле „сведоци на поткуп на гласови и бројни нерегуларности“ и соопшти дека партијата и здружената опозиција не ги признаваат изборите и резултатите, и на парламентарните, и на претседателските избори. Според него, власта со премиерот Груевски покажала дека нема елементарна волја да спроведе демократски избори: „Во име на заштитата на волјата на гласачите, на човековите и цивилизациски вредности, овие криминални избори не ги признаваме, бараме итно техничка влада која ќе спроведе парламентарни и престедателски избори. Бараме и мора да се организираат избори на кои контролата ќе се врати кај народот“, рече Заев.

Тој обвини за многубројни нерегуларности во текот на изборниот ден и во предизборниот период, потенцирајќи дека избирачките места биле преплавени со граѓани од Пустец, кои гласале и вчера во Тирана, и денес низ Македонија.

И додека Заев најави дека СДСМ утре ќе одлучува за следните чекори, оставајќи отворена можност дека сите варијанти се во игра, за владејачката ВМРО-ДПМНЕ, на денешните избори „победија граѓаните на Република Македонија кои избраа претседател, кои избраа легитимни органи на државата. Имавме мирен ден без ниту еден посериозен инцидент сите ние остваривме една голема победа. Ова беа најмирните избори во историјата на Македонија“.

На прес-конференција, Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека „СДСМ се обидел да претстави дека има прекршување на изборниот процес, без ниту еден доказ или аргумент, или пак со само недоречености и манипулации. Граѓаните тоа не го дозволија“. Според него, „денес граѓаните покажаа дека се Европејци. Иако постоеја јалови обиди од опозицијата да се претстават овие избори како нерегуларни, тоа не успеа бидејќи тоа граѓаните не го дозволија. Граѓаните го дадоа најголемиот одговор“.

Претходно, гласачките кутии и изборните места беа затворени во 19,00 часот. Вториот круг на претседателските и предвремените парламентарни избори, според поголемиот дел од медиумските извештаи во текот на денот, низ Македонија поминал главно мирно и без поголеми инциденти.
Според Државната изборна комисија, до 17 часот македонско време, на 2 часа пред затворањето на избирачките места, излезноста за претседателските избори била 45,34%, со е мал одѕив во населените места со доминантно етнички- албанско население. На третата денешна прес-конференција во 18 часот, потпретседателот на ДИК Субхуи Јакупи соопшти дека одѕивот на гласачите до 17 часот на предвремените парламентарни избори бил 53,12%, а дека „најголема излезност има во Новаци - 71,89%, а најмала во Желино - 9,03%. x

Според МВР, чии 7.000 припадници се грижеа за безбедноста на граѓаните на изборниот процес, изборите поминале без инциденти и поголеми нерегуларности. Но, според дел од над 10.000 домашни и странски набљудувачи, и денешниот, и вчерашниот ден, кога гласаа иселениците, изнемоштените, осудените и раселените лица, ги одбележале бројни нерегуларности. За низа неправилности во текот на денот редовно известуваше граѓанската асоцијација „Мост“. Таа гласањето го следеше со 1.712 набљудувачи, кои покриваа 50% од избирачките места на територијата на Македонија, односно по 50% од гласачките места во рамките на секоја општина. Според „Мост“, се делел пропаганден материјал, имало случаи на семејно гласање, дупликат гласачки ливчиња, нарушена тајност на гласањето, фотографирање на гласачки ливчиња...

До невладината организација „Цивил“, пак, пристигнале 232 пријави од набљудувачите и телефонските јавувања на граѓаните за бројни неправилности: незаконско однесување на членови на избирачки одбори, проблеми со избирачките списоци и активности на партиски лица кои евидентирале кој гласа, како и поткуп на гласачи и нивно организирано превезување на гласачките места.

На вториот круг од претседателските и предвремените парламентарни избори, граѓаните одлучуваа меѓу Ѓорѓе Иванов, кандидиран од ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски, кој ја имаше поддршката на СДСМ, како и за 1.402 кандидати на 14 листи на кандидати за пратеници поднесени од пет коалиции и девет политички партии. Во трката за 123 пратенички места во шест изборни единици во земјата и три во странство беа 1.402 кандидати на 14 листи, поднесени од пет коалиции и девет политички партии. Кандидатски листи за пратеници во сите изборни единици, вклучувајќи ги и 7 (Европа и Африка), 8 (Северна и Јужна Америка) и 9 (Австралија и Азија), имаа ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, СДСМ и коалицијата и ДУИ. Опозициската ДПА поднесе листи за изборните единици од 1 до 8, НДП за единиците 1,2,5,6 и 7, а ПДП само за шестата изборна единица, додека коалицијата „За позитивна Македонија“, коалицијата ГРОМ и ВМРО-НП поднесоа листи во изборните единици од 1 до 6.

На 3.480 избирачки места, право на глас на претседателските избори имаа 1.779.572 избирачи, а на парламентарните избори беа запишани 1.780.128 избирачи.
XS
SM
MD
LG