Локалните избори во октомври ќе покажат дали државата ќе остане стабилна, или ќе се случи уште поголема криза од претходната, вели Керолин Карлсон, сопственичка на компанијата Data-Clear, која работи на обновување на податоците на гласачите во повеќе држави во светот.
„Македонските избори се особено важни и за стабилноста, безбедноста и демократијата во цела Европа“, вели Карлсон.
Спред неа, ако претходниот премиер сака да се вклучи во изборите, и да ја задржи власта на локално ниво, постои опасност да се случи примерот со Венецуела, каде претседателот има целосна контрола врз гласачите.
„Мислам дека Македoнија научи многу од претходното десетгодишно владеење, и сега е шанса да се погледне кон иднината“, објаснува таа.
Карлсон смета дека Македонија се наоѓа пред одлична можност.
„Сега е време премиерот Заев да ја стабилизира економијата. Ако се земе предвид кризата изминативе години, време е за посветла иднина во НАТО и во Европската унија“, рече Карлсон.
Во Македонија, каде изборите покажаа дека населението е речиси подеднакво поделено, и двете партии се подготвуваат за победа.
Но, не сите во ВМРО-ДПМНЕ веруваат дека ќе победат на овие избори. Еве што вели Петар Богојески, еден од реформаторите на партијата.
„Вака како што сега стојат работите сметаме дека шансите секојдневно ни` се намалуваат, бидејќи се` уште се движиме во правец на оние политики, кои доведоа до излолација на нашата партија на меѓународна и на домашна политичка сцена“, вели Богојески.
Прво што треба да се направи, вели тој, е да се смират тензиите во партијата и да се промени вокабуларот на омраза.
„Конечно да се заборави вокабуларот на предавници и патриоти, да разбереме дека различното мислење не е патритски или предавнички чин, туку е само различно мислење“, изјави Богојески.
Душко Вескоски, кандидат за градоначалник на СДСМ во Општина Карпош, не гледа опасност во ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додава дека СДСМ е активно инволвирана на терен, во претставување на програмата, и е убеден во победа.
„Особен акцент се става на животната средина, за заштита на зеленилото во општините, ревизија на сите донесени детални урбанистички планови во последните години, како и решавање на проблемот со загадувањето“, вели Вескоски.
Претседателот на Собранието Талат Џафери викендов најави дека локалните избори ќе се одржат на 15-ти октомври, и повика на почитување на Уставот за време на изборната кампања.
Facebook Forum