Линкови за пристапност

Победа на ВМРО-ДПМНЕ


Иванов останува претседател; СДСМ не ги признава изборите.

„Никола Груевски останува премиер на Македонија. Татковината останува во сигурни раце. Исто така, Ѓорге Иванов останува претседател на Република Македонија“, изјави на синоќешната прес-конференција Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

Додека симпатизерите на оваа партија славеа на плоштадите на градовите низ Македонија, на кусата прес-конференција, неколку минути по полноќ, во понеделникот наутро, претседателот на Државната изборна комисија ги изнесе првичните неофицијални резултати со пресек до 23:30 часот по македонско време. Според пристигнатите податоци од 2.694 избирачки места, на кои од запишаните 1.243.888 гласачи, излегле 53,22% или 661.945 гласачи, за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов, гласале 373.914 гласачи, а за кандидатот Стево Пендаровски, кого го поддржуваше СДСМ – 264.659 гласачи.

Според податоците од 2.743 места на предвремените парламентарни избори, на кои излезноста била 62,52%, од излезените 797.021 избирач, за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата гласале 345.724 или 43,38%, а за СДСМ и коалицијата 194.760 гласачи или 24,44%, што е уште една изборна победа на и досега владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Во албанскиот блок, пак, нова победа на ДУИ, која според Рилковски освоила 112.836, или 14,16%, или неколкукратно повеќе од конкурентската ДПА, за која гласале 49.836 или 6,25% од избирачите на местата од кои пристигале податоците.

Според симулацијата на граѓанската организација „Мост“, според досега процесираните податоци, ВМРО-ДПМНЕ во 123-члениот парламент би имала 63 пратеника (со трите мандати освоени во дијаспората), СДСМ – 34 мандати, ДУИ – 18, ДПА - 7 и НДП – 1 мандат.

Според претседателот Рилковски, ДИК успешно ги спровела изборите, но тој не ја коментираше одлуката на СДСМ да не ги признава изборните резултати. Засега е непознаница дали СДСМ ќе опстои на одлуката што по затворањето на гласачките места ја соопшти водачот на партијата Зоран Заев, дека немаат намера да им даваат легитимимет на „криминалните избори“ и дали ќе ги вратат освоените мандати.

Исто така, ако се првичните резултати станат и официјални, дека ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата освоила 63 пратеници, останува отворено дали ќе се оствари најавата на старо-новиот премиер Груевски дека нема да мора да ги поднесува „уцените на ДУИ“, односно нјавата на лидерот на ДПА Мендух Тачи, дека таа партија ќе биде албанскиот партиципиент во Владата.

Инаку, меѓу причините за неприфаќање на претседателските и парламентарните избори, претседателот на СДСМ Зоран Заев наведе „притисоци врз јавната администрација со целосна контрола и успешност во сите јавни институциии под контрола на ВМРО-ДПМНЕ, масовно купување на гласачите насекаде низ државата, најчесто со обезбедување на полицијата, додека се исплаќаат парите, јавно и впечатливо, без каково било прикривање; притисоци од инспекциите од сите државни ресори врз фирмите чии сопственици не с есимпатизери на ВМРО-ДПМНЕ; целосно инволвирањена полицијата во вршењето притисок врз гласачите, обезбедување активисти на власта за незаконитостите на изборниот процес, притисок и поткупување на примателите на социјална помош, на додаток за трето дете, нега од трето лице и другите ранливи категории на граѓании, со закана дека ќе им биде укината финансиската помош ако не гласат за власта; закани и казни од шумските претпријатија и инспекции врз граѓаните кои живеат во ридско-планинските населени места; уфрлување на фантомски гласачи во згради со непостоечки влезови и административни згради; невиденa досега во независна Македонија, злоупотребa нa верски објекти и верски служители за агитирање во интерес на власта; дрскa, противзаконскa злоупотребен на јавниот радиодифузен сервис МРТВ и целосна контрола на приватните медиуми зa координирано дезинформирање на јавноста; дупликат гласачки ливчиња, бришење на видливото мастило, фотографирање гласачкото ливче како доказ, групно гласање, ваучери за поткуп на гласачите, гласачки кутии на улици и целосна контрола на гласачите од страна на неовластени лица, вклучувајќи и службени лица во секоја општина и на секое гласачко место; гласање на граѓани од Пустец во саботата во Тирана, a во неделата во различни општини низ Македонија; злоупотребa на сите државни ресурси за партиски цели, и - молкот, игнорирањето и непостапувањето на институциите на системот, за документираните мега-криминални и корупциски скандали, во коишто е вмешан директно премиерот Никола Груевски и неговите најблиски соработници...“.

Премиерот Груевски во својот говор по објавувањето на резултатите изрази жалење „што и покрај убедливата победа, заради личен интерес, претседателот и раководството на СДСМ одлучија да ја негираат јасно изразената волја на народот. Не е единствен проблем што го потценуваат народот, туку работат на директна штета на Република Македонија на оние што не и го сакаат доброто на Република Македонија. Се надевам дека ќе преспијат, ќе ја видат волјата на народот и ќе постапуваат во правец на интересите на граѓаните, а не на нечии лични интереси“.
XS
SM
MD
LG