Линкови за пристапност

Референдумски бран за здрава животна средина


По перманентните протести на активистите за чиста и здрава животна средина, жители од неколку општини на земјоделски ориентираниот југ на Македонија, во последниот период, и на референдуми се изјаснуваат против отворање на рудници во нивното опкружување

Граѓаните на Општина Богданци со огромно мнозинство, од над 95%, на неделниот референдум се изјаснија против изградбата на рудникот Казандол и експлоатацијата на руда во нивното соседство. Излезноста беше 60,78%, или 4.205 од вкупно 6.918 регистрирани гласачи во Општината (се гласаше во градот Богданци и во околните места Стојаково, Ѓавато и Селемли) излегле на референдумот, а од нив, 4,120, одговориле дека се против „продолжување на изградбата на рудникот Казандол?“, а само 71 биле – „за“. И на второто референдумско прашање, „дали да се дозволи отворање на други рудници во Општина Богданци?“, 4.126 граѓани гласале против, а само 66 гласови биле „за“.

Референдумот што беше успешно спроведен во мирна атмосфера и без поголеми нерегуларности, е организиран на барање на граѓанската иницијативата „Спас за Богданци“, која покрај организациите на граѓанското општество на локално и национално ниво и застапниците за чиста животна средина, ја поддржаа и сите партии застапени во Советот на Општината, иако, постоеја разлики во ставовите на партиските структури на локално и на централно ниво. По ваквата одлука, локалните власти во Богданци се должни да ја почитуваат волјата на граѓаните.

На 23 април референдум се одржа и во Гевгелија, каде на референдумското прашање „Дали сте за или против отворање на рудници металични минерални суровини на територија на општина Гевгелија“, дури 99,1 % од гевгеличаните кои гласаа, беа против. Излезноста и таму беше висока – дури 69 отсто од запишаните 19,363 граѓани во Избирачкиот список, се појавиле на 37-те гласачки места, а од нив, само 154 гласачи се изјасниле дека се за отворање рудници.

Малку поинаква е ситуацијата во Општина Валандово, каде локалните власти не им излегуваат во пресрет на барањата на граѓаните по ова прашање. Во петокот, граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ ги собра потребните потписи (2.312 потписи) за распишување на референдум и поднесе Предлог барање до Советот на Општината за распишување референдум на кој граѓаните ќе се произнесат дали се „за“ или „против“ продолжување со работа на рударскиот комплекс “Казандол”. Иницијативата „Спас за Валандово“ бара референдумот да се одржи на 9 јули, 2017 со истите референдумските прашања како и во соседните општини. Ако Советот не донесе одлука до денес, иницијативата најави дека од утре ќе ги користи сите демократски форми за изразување на незадоволство, во кои се вклучени и порадикални чекори: блокади и протести на локалните патишта, сè додека нивните барања не бидат исполнети.

На крајот на мај, „Спас за Валандово“ организираше и целодневна манифестација „Фестивал на локална храна и локален развој“, на која беа презентирани локални органски производи, карактеристични за тоа поднебје, уметнички творби на тема „Во ваква околина сакам да живеам“ и настапи на локални музичари, но и трибина за проблемите со и околу отворањето и работењето на рудник во регион чии жители ја обезбедуваат егзистенцијата од земјоделско производство (овоштарство).

И додека за следната недела се најавува референдумско изјаснување и на граѓаните на Дојран, кои се загрижени за влијанието на работата на рудникот и врз туризмот, а претставници на странската компанија–инвеститор „Сардич“ која има потпишано договор за концесија со претходната влада, тврдат дека рудникот Казандол во кој ќе се експлоатира бакар, злато и сребро, нема да има негативни последици врз животната средина и врз органското производство, реагираше и националната Федерацијата на фармери (ФФРМ).

Според Федерацијата треба задолжително, внимателно да се размисли за отворањето рудник во Казандол, зашто подрачјето на Валандово, Богданци и Дојран има 13.681 хектар обработливо земјоделско земјиште. Според ФФРМ, „со отворањето на овој рудник, ќе се направат негативни ефекти врз земјоделството, посебно врз органското производство и, доколку не се применат мерки за соодветна заштита, штетите ќе бидат големи посебно врз почвата“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG