Линкови за пристапност

Загадувањето на воздухот во Македонија алармантно


Граѓаните реагираат, надлежните испраќаат препораки

На самиот почеток на новата грејна сезона, престолнината Скопје, но и редица градови низ државата, се задушуваат поради загадувањето на воздухот што деновиве урива нови неславни „рекорди“, со надминување на максимално дозволената граница и до 15 пати.

„Загаденоста на воздухот во Скопје е постојана, а не е сезонска појава. Тоа се должи на долги години на институционална, државна и граѓанска неодговорност кон животната средина, особено во последните години, со прекумерна сеча на дрвја и со уништување на урбаните зелениповршини, со зголемени градежни потфати, лошо спроведени урбанистички планови и недостаток на инспекциски надзор врз фабричките инсталации кои загадуваат. Загадувањето на воздухот е само дел од проблемот. Немањето квалитетен национален систем за мониторинг е уште поголем проблем. Ние де факто, не знаеме објективно и прецизно, колку е загаден воздухот. Уверен сум дека вредностите за загадувањето кои ги добиваме на Интернет, се далеку од вистинските. Само не знаеме дали ситуацијата е подобра или полоша“,изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, биологот Кирил Пржо Арсовски, член на Македонското еколошко друштво – МЕД и граѓански активист.

Кирил Пржо Арсовски
Кирил Пржо Арсовски

​Откако пет дена по ред, загадувањето на воздухот Скопје многукратно ја надмина дозволената граница од ПМ10-честички во воздухот, градските власти објавија мерки и предупредувања од прв степен, за заштита на здравјето на граѓаните и за намалување на загадувањето, со кои се препорачува „граѓаните што е можно помалку да престојуваат на отворено, децата, трудниците и болните да не излегуваат надвор, да се заштитат лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот, да се користи пред сè јавен превоз, а помалку приватните автомобили и особено, тешките моторни возила кои немаат регулирано испуштање на отпадни гасови, а за загревање на домовите, граѓаните да користат чисто дрво, а не - отпадно масло, хемиски обработено дрво, пластика, гума...“

Испратено беше и предупредување до индустриските капацитети во градот, „да одбегнуваат сè што не е нужно во технолошкиот процес, а го загадува воздухот“.

„Мерките за заштита кои ги предлагаат властите се апсолутно непрактични, дури и комични. Граѓаните треба и мора да ги користат своите граѓански права и можности, со цел - да ги принудат институциите да спроведат нов национален мониторинг и да преземат сериозни и конкретни мерки за заштита на воздухот. Во политички вакуум и амнестирање на институциите, граѓанските петиции, иницијативи, независни анализи и објави од стручни лица, се најдобар метод за промена на состојбата. Граѓанска поддршка кон еколошките и стручни невладини организации многу ќе помогне. Секако, следуваат и избори, па граѓаните нека гласаат за онаа платформа и опција која сериозно ќе се ангажира околу ова прашање“, вели Пржо Арсовски.

Максимално дозволената граница за присуство на ПМ10 честички е 50 микрограми, а повеќедневната енормна загаденост на воздухот во Скопје, но и во други градови, како Куманово, Тетово, Велес, Битола, Кавадарци и Кичево, се движи деновиве и до 15 пати повисока нивна концентрација. Иако локалните власти во главниот град најавија дека планираат да продолжат со прскањето на улиците со калциум магнезиум ацетат, дека зимава на сила ќе биде посебен сообраќаен режим за тешките товарни возила, дека ќе се контролираат и мијат коловозите околу градилиштата - за да се отстрани ситната прашина и ќе засилат инспекциските надзори на штетните гасови од индустриските субјекти од Б-категорија, како и дека ќе се изготват елаборати за влијанието на сообраќајот и за влијанието на огревното дрво од индивидуалните домаќинства врз загадувањето на воздухот, социјалните мрежи „вријат“. Граѓаните жестоко реагираат и го обвинуваат централните и локалните власти дека неподготвени дочекуваат уште една грејна сезона и дека сите предупредувања се задоцнети, а реакциите неадекватни.

Марија Ѓорчева, инженер за животна средина, која минатата година изготвила анализа на утврденото загадување на воздухот во последните 12 години, споредено со преземените активностите кои влијаат врз квалитетот на воздухот, денеска, за еден портал, изјави: „Реално, една година помина, а загадувањето на воздухот во Скопје е на исто алармантно ниво. Воздухот е нездрав и опасен. Возилата се постари за една година, а бројот на луѓе и дрва е намален. За оваа една година, единствен јавен проглас и активност на тема – аерозагадување, се повторените препораки до граѓаните, од Министерство за животна средина во 2015-тата и вчера, од Град Скопје“.

Експертите се децидни дека за ефикасно намалување на аерозагаденоста е неопходно итно преземање сериозни мерки, во координирана акција на надлежните. Д-р Драган Ѓорѓев, од Институтот за јавно здравје, изјави во медиумите дека „постојат прописи, планови, документаристи сме подготвени, но имплементацијата никако да профункционира!“.

„Секој ја префрла вината на некој друг и никој не може да направи еден интегрален чекор напред кон подобрување на состојбите. Мерките се привидно скапи, но дефинитивно поевтини од здравствените ефекти. Мерките се акции кои треба да се преземат континуирано, а резултатите нема да се добијат веднаш, туку по месеци и по година, што очигледно дека не е атрактивно за оние кои треба да ги преземат. Затоа, топката се префрла и нема систематско делување во сите сегменти, во делот на урбаната политика, создавањето зелени зони, сообраќајот...“, потенцира д-р Ѓорѓев.

Соговорникот на Гласот на Америка на македонски јазик, Кирил Пржо, во декември минатата година во текстот „Никој во Македонија не знае колку точно е загаден воздухот!“, напиша: „Во ваква ситуација не е потребно да се крева паника, туку јавноста мора да добие детална анализа за воздухот што го дишеме и реалната загаденост. Граѓаните мора да бидат редовно информирани и да добијат сеопфатно објаснување за она што и се случува на Македонија во однос на загадувањето на воздухот и која е опасноста врз здравјето на населението. Симплификацијата на проблемот нема да ни донесе почист воздух. Изработка на ад-хок анализи кои наликуваат на истражување, а најмалку се тоа, исто така, нема да ни помогне да живееме во здрава околина... Прашањата се јасни и одамна адресирани. Чекаме одговор со отворени гради, што секојдневно станува сè поопасно за сите нас“.

Наместо одговори на прашањата, локалните власти засега ги повикаа граѓаните да го “сведат своето движење на отворен простор само на неопходни излегувања“, и им препорачаа „да не ги проветруваат просториите во кои престојуваат“.

XS
SM
MD
LG