По дебатата од 12 април „Што носи новиот закон за лустрација?“, организирана по повод четвртиот обид во последните неколку години да се изврши законска интервенција во таканаречениот процес на лустрација на соработниците на тајните служби во минатото, Фондацијата Отворено општество – Македонија до пратениците во Собранието, денес достави барање за повлекување на Предлог-законот за определување услов за ограничување за вршење јавна функција, пристап до документи и објавување на соработка со органите на државната безбедност.
Контроверзниот закон предизвика бројни реакции во македонската јавност, како поради содржината, така и поради начинот на кој беше досега користен во политичкиот живот. Опозицијата и дел од експертската јавност реагираа дека наместо забрзување на демократизацијата на Македонија, законот станува средство за политичка пресметка.
Вчера, низ собраниската Комисија за политички систем, законот помина во прво читање, на седница на која беа отсутни и претставниците на албанскиот дел од владеачката коалиција, како и оние од најголемата опозициона партија од македонскиот блок, кои и во знак на протест ја напуштија работата и на понеделничката седница. Пратениците од СДСМ се децидни дека нема да присуствуваат на седниците на кои ќе се расправа за новиот предлог на власта за донесување на закон за лустрација на некогашните соработници со тајните служби, зашто предлогот според нив, нема правен основ, и е израз на политичко насилство, чија цел, наместо историско помирување - е само политички реваншизам.
Иако на вчерашната седницата отсуствуваа членовите на Комисијата од пратеничката група на владеачката ДУИ, со образложение за непостоење атмосфера за дебата по вчерашните инциденти и навредите упетени кон нивниот пратеник Џевад Адеми, од Имер Алиу од ДПА, оваа партија сепак, го подржува предлогот на својот коалиционен партнер ВМРО-ДПМНЕ. Откако колегите пратеници во понеделникот спречија потежок инцидент, кога со присуство и на обезбедувањето ја оневозможија најавената физичка пресметка на пратениците Адеми и Алиу, кои претходно разменуваа жестоки обвинувања и навреди, во поглед на наводната соработка со безбедносните служби во минатото, поголем скандал беше избегнат, но опозицијата доби уште ден аргуемнт за спротивставување на предложеното законско решение.
Сепак, според потпретседателката на парламентот Сузана Салиу од ДУИ, оваа партија го поддржува Законот за лустрација и има за цел да се постигне широк политички консензус околу неговото донесување. Дополнително, потпретседателката на Собранието Салиу потенцираше дека ДУИ бара своевиден процес на рехабилитација на жртвите од комунистичкиот систем, што би се одвивал паралелно со лустрацијата. Во соработка со здруженијата на Албанците за рехабилитација на жртвите од комунизмот, партијата подготвила предлог-текст за кој дополнително ќе се разговара. „Законот го поддржуваме и во оваа фаза, а ќе го поддржуваме и во иднина, но нема смисла да се откријат соработниците на тајните злужби а да не бидат обесштетени жртвите од комунистичкиот систем“, изјави Салиу.